Ако сте љубители на ванилиците, тогаш сигурно ќе ги обожавате и овие „смоквички“. Децата многу ги сакаат токму поради нивниот облик, но и затоа што се многу вкусни. Се јадат во еден-два залаци и буквално се растопуваат сами во уста. Еве што ви е потребно (за третиот рецепт постапката можете да ја погледнете во видеопрезентација):

РЕЦЕПТ 1 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (од оваа количина се добиваат 120-140 смоквички): 1 кг брашно, 1 кесичка прашок за печиво (10 г), 300 мл пиво, 600 мл растително масло. ФИЛ: 1.2 кг јаболка, 100 г суво грозје, 100 г ореви, 1/2 лажичка цимет во прав, 1 мала лажичка рум, 400 г шеќер

РЕЦЕПТ 2 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 кг брашно, 600 мл масло, 300 мл пиво, 1 кесичка прашок за печиво (10 г), 1 кесичка ванилин шеќер (10 г), 1 кесичка лимонов шеќер (10 г), шеќер во прав за валање. ФИЛ: џем од смокви, сечкани ореви, сечкано чоколадо за готвење

РЕЦЕПТ 3 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (се мери со мала чаша од 120 мл): 250 г путер или маргарин на собна температура, 1 чаша шеќер во прав, 1 чаша растително масло, 1 кесичка шеќер во прав (10 г), 1/2 кесичка прашок за печиво (1 мала лажичка, 5 г), 2 супени лажици кисело мклеко, 4.5 чаши брашно. И уште: џем од смокви за полнење, шеќер во прав за валање

ПОСТАПКА за рецепт 1: во брашното помешајте го прашокот за печиво, пивото и маслото, измесете го тестото додека да стане комапктно, па оставете го да отстои минимум 2 часа во фрижидер, а може и преку ноќ. Јаболката изрендајте ги, додајте го сувото грозје, мелените ореви, малку цимет и рум по вкус, па гответе на тивок оган додека течноста да испари.

Филот исто така треба да го оставите да се лади најмалку два часа. Од одмореното тесто направете прво мали топчиња, па потоа притискајте ги со дланките да се сплоснат и полнете ги со фил. Затворајте ги со прстите за да добијат облик на смоквички. Редете ги во плех обложен со хартија и печете ги во загреана рерна на 200 степени, 15-тина минути или додека да зарменат. Следи постапката за рецепт 2:

ПОСТАПКА за рецепт 2: просејте го брашното заедно со прашокот за печиво, додајте ванилин и лимонов шеќер. Прво сипете го маслото, а потоа и пивото, па со рака замесете тесто. Оставете го да одмори половина час. Од одмореното тесто кинете мали топчиња, сплеснувајте ги меѓу дланките и полнете ги со фил.

Со прстите затворете го колачето и обликувајте го во вид на смоквичка. Редете ги во плех (не треба да се намастува) и печете ги во загреана рерна на 200 степени, 15-20 минути. Треба да останат светли. Оставете ги да се оладат, па валајте ги во шеќер во прав. Следи постапката за рецепт 3:

ПОСТАПКА за рецепт 3: путерот оставете го да омекне на собна температура, па испасирате го со виљушка и соединете го шеќерот, ванилата, прашокот за печиво, маслото и брашното. Измесете го тестото со рака додека да добиете компактно тесто кое лесно се обликува со рака. Оставете го половина час во фрижидер за да се стегне, но може и веднаш да започнете со изработка.

Врз парче проѕирна-стреч хартија ставете топче од тестото, сплескајте го со дланката, во средината ставете фил (џем од смокви или по ваш избор), па со помош на фолијата обликувајте го колачето во смоквичка (соберете ги сите краеви на фолијата да добиете еден вид кесенце, погледнете ја видеопрезентацијата).

„Смоквите“ наредете ги во плех одбложен со хартија, па печете ги во претходно загреана рерна на 180 степени, 20-25 минути. Штом заруменат при врвовите, извадете ги и оставете ги да се оладат, а потоа валајте ги во шеќер во прав. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеопрезентацијата ОВДЕ.