Фотографија и рецепт на Лидија Стојанова. Фотографија од насловната: Јулијана Павлоска.

Мини пирошки, идеални за секаква пригода, имендени, родендени, домашни слави… Ем лични, ем вкусни, кој пробал знае. За останатите следува рецепт 1:

Потребни состојки: 2-3 варени и изрендани компири, 3 јајца, ½ коцка маргарин од 250 г, 500 мл млеко, 1 коцка квасец (30-40 г), сол и малку шеќер и брашно по потреба

Постапка: се замесува тесто од наведените состојки со средна густина. Од тестото се развлекува кора со дебелина од околу 5 мм. Се сечат правоаголни форми, а на средина се става фил по желба (кашкавал, салама, кечап…)

Се лепат на краевите, се валаат прво во белка, па во лебни трошки (презла) и се оставаат малку да стасуваат (да го зголемат волуменот). Потоа се пржат во загреано масло додека да добијат убава златна боја.

РЕЦЕПТ 2 – Потребни состојки: 1 коцка свеж квасец, 200 мл млако млеко, 1 лажичка шеќер, 400 г брашно, 1 лажичка сол, 1 лажичка сув зачин (вегета), 2 жолчки и 200 г варен компир.

За фил: 1 младо кромитче, 1 младо лукче, 3 домати, 100 г суво димено месо, 100 г сирење/кашкавал и маслиново масло, оригано, босилек, црн пипер

И уште: 2 белки и лебни троѓки (презла) за валкање.

Постапка: најпрво ставете го квасецот со млекото, шеќерот, две лажици брашно, па промешајте убаво да нема грутчиња. Оставете го 10-тина минути да се активира и запени. Направете тесто со додавање на останатите состојки и варениот и изрендан компир.

Оставете го да стасува, околу 30-40 минути. Потоа развлечете кора, сечете правоаголници и филувајте со претходно приготвениот фил.

Со прстите притиснете на краевите за да се залепи пирошката, па валајте ги прво во белка, а потоа во лебни трошки (презла). Пржете ги во не многу врело масло.

За фил: малку издинстајте ги кромидот и лукот, па зачинете, додајте рендан домат, суво месо на коцкички, па сирење или кашкавал. Со оваа смеса филувајте ги пирошките. Тестото е феноменално, а филот можете да го промените по ваш вкус.

Фото и рецепт: Јулијана Павлоска