Со овој метод на киселење, за помалку од еден месец зелката е стасана и можете да ја користите. За сите заинтересирани кои сакаат да го испробаат начинот за киселење на зелка без преточување, овојпат во кеса и без никакви непријатни мириси, потребните еколошки кеси можете да ги набавите од поголемите супермаркети или да ги порачате од некои интерент сајтови.




Димензијата на овие еколошки кеси е 80х100 см, а се користат исклучиво за зелка или грозје. Практично е сите оние кои живеат во стан и немаат подрум каде би ја киселеле зелката, а не испушта непријатен мирис и побрзо се кисели бидејќи нема допир со воздух.




Она што е потребно да го знаете дека на 10 литри млака вода се додаваат 300 г сол. Јас користам сол од Тузла. Солта се меша додека да се раствори целосно, па се налева во кесата преку зелката и постапката се повторува додека да се прекријат главиците. Мене ми беше потребно 20 литри вода и 600 г сол – Бојана.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: Помали главици зелка, 20 литри вода и 600 г сол. ПОСТАПКА: Зелките исчистете ги од надворешните листови и евентуална нечистотија, па издлабете ги во средина, односно отстранете им го „кочанот“. Оние главици што се поголеми пресечете ги на половина.




Во претходно добро измиена и стерилизирана кофа, додајте 10 литри млака вода и во неа додајте 300 г кујнска сол. Добро промешајте сè додека солта целосно да се растопи. Кога вака ќе го приготвите солилото, не е потребно да ја преточувате зелката, бидејќи солта веќе е растворена и подеднакво ќе навлезе во зелката.




Оваа постапка (10 литри вода + 300 г сол) повторувајте ја онолку пати колку што е потребно за да го наполните бурето, односно кесата. Еколошката кеса мора да биде поголема од бурето кое ќе го користите за киселење. Овие кеси се специјално направени за да можат да ја издржат тежината на зелките и расолот.




Кесата отворете ја и ставете ја во бурето, па започнете да ја полните со исчистените зелки. Празнините помеѓу главиците пополнувајте ги со половинки главици или четвртинки, во зависност од тоа како сте ги исекле и колку собира во самата кеса.




Кога ќе ја наполните кесата, но секако не до врв, имајте во предвид дека ќе мора да се врзе, започнете да ја преливате со приготвениот солен раствор. Растворот треба да биде млак, бидејќи солта најлесно и најбрзо се раствора во млака вода, но и на тој начин побрзо ќе започне киселењето.




Главиците потребно е целосно да бидат прекриени со солениот раствор, па така, количината на течноста што ќе ја приготвите зависи од самото буре и од количината на зелките кои ќе ги користите, како и нивниот распоред во кесата.




Кесата добро затегнете ја на врвот и врзете ја во јазол (со тоа ќе го спречите ширењето на мирисот кој се ослободува при ферментацијата), со тоа што ќе го испуштите максимално колку што можете, воздухот од внатрешноста.




За само неколку денови, три-четири дена, ќе забележите дека зелките започнале да омекнуваат и дополнително ќе спласне. Ако ви се чини дека во кесата има вишок течност, одврзете го јазолот и исцрпете го вишокот, но јас ова никогаш не го правам.

Одозгора притиснете со нешто потешко, тенџере на пример, или затворете го бурето со капак. Првите две седмици чувајте го бурето на топло место, а потоа пренесете го на ладно место. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.