ФЕФЕРОНИ ЗА ЗИМНИЦА ВО ШИШЕ, имаат рок до 1 година, без конзерванси и без пастеризација. Многу вкусна зимница со убав, пикантен вкус на многу едноставен начин. Нема да ви се верува колку лесно се подготвуваат, а имаат долг рок на траење.

Може да ги подготвите во поголема или помала количина и да си правите по потреба, а најинтересно е тоа што се подготвуваат во шише. Доколку сте љубители на пикантниот вкус, ова е рецептот за вас.




Оваа есен споделивме многу рецепти за зимница, со црвени и зелени домати, зелка,  пиперки за салата, ајвар и малиџано.. но останаа уште овие лути пиперчиња кои разговорно кај нас се познати како феферонки.




Оваа сорта на пиперки може да се јаде во свежа или сува форма, преработени или конзервирани. Особено се многу распространети во Струмичкиот дел на Македонија. Во продолжение проследете го рецептот од само неколку состојки:




Потребни состојки: 500 г зелени, тенки феферони пиперчиња, 1 главица лук, 10 г сол или една кафена полна лажичка, половина лажичка шеќер (може, но не мора), 65 мл оцет, 65 мл масло, неколку мали парчиња лимон.




Сите состојки се однесуваат за количина по шише освен лукот кој една главица се дели на чешниња и се распоредува во шишињата. Ќе ви бидат потребни околу 3 пластични шишиња од 0,5 мл, според оваа количина.




Постапка: Долгите, тенки пиперчиња добро измијте ги и исушете ги наредени на маса со директна сончева светлина, а водата од нив пребришете ја со кујнска памучна крпа. Кога ќе се исушат, отстранете им ја дршката и исечете ги на 3-4 помали парчиња, во зависност од големината.




Потоа земете една главица лук и добро исчистете ја, па секое чешне поделете го на 2-3 помали парчиња. Во пластични шишиња започнете да ги редите пиперчињата. Наполнете ги шишињата 1/4 со пиперчиња, па додајте 2-3 парчиња лук.




Потоа повторно редете ги пиперчињата уште 1/4, па ставате лук и се така додека да ги потрошите пиперчињата и да ги наполните шишињата. Потоа со инка се додава по 10 г сол или 1 полна супена лажица по шише.

Истото се повторува и со шеќерот, се додава 3 г по шише, но доколку не сакате да ставите шеќер, не е неопходно, може да го прескокнете овој чекор. Потоа со инка се прелива по 65 мл оцет во секое шише и на крај се додава иста количина масло.




Шишињата добро затворете ги со соодветниот капак и легнете ги на страна. Секое шише протресете го за малку да се измешаат состојките, а потоа ролајте ги шишињата напред назад околу 1 минута.




Зимницата се подготвува 1 седмица, така што шишињата ги оставате ,,легнати” на страна за ова време. Секој ден ги ролате по 5-6 пати во денот, во интервал од 2 часа, а промешувањето треба да трае по 1 минута.




По 1 седмица ќе забележите како пиперките добиле жолтеникава боја и тогаш се спремни за складирање. Шишињата ги сечете негде под капачето за да може да ја извадите зимницата и се складира во чиста, стаклена тегла.

Вака подготвена, зимницата има рок на траење до 1 година, а се комбинира буквално со секое зимско јадење. Ние најчесто фефероните ги јадеме со ориз. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ.