Фото и рецепт: Sonia Andreev. Потребни состојки: 250 г пченкарно брашно, 250 г гриз, 300 г бело брашно, 1 свеж квасец, 200 мл маслиново масло (или обично), 2 белки, малку сол, малку шеќер и млака вода по потреба

Постапка: Се активира квасецот во млака вода со лажица шеќер и 2-3 лажици брашно, се меша да се раствори и се остава на топло 10-тина минути да запени. Сите видови брашно се мешаат, се додава едно-две лажичиња сол. Белките се матат со маслото, па заедно со активираниот квасец се додаваат во брашната и се замесува средно меко тесто.

Добиеното тесто се остава да кисне на топло 30-40 минути додека да се удвои, по што се премесува и се дели на топчиња, се намастуваат со масло и се оставаат 15-тина минути да одморат.

Секое топче се развлекува во кора со натапкување на дланка или со оклагија, со величина на средна чинија. Се премачкуваат со разматени жолчки (во жолчките може да додадете малку масло или млеко, но не мора), се филуваат со дробено сирење, па се виткаат како лепчиња (види фото).

Вака спакуваните банички се редат во малку намастен плех, обложен со хартија, па се оставаат уште малку да киснат за да ја удвојат величината.

Одозгора се боцкаат со виљушка за да се ишараат, се премачкуваат со жолчка и се печат во загреана рерна на 200 степени околу 20-тина минути или додека да добијат убава боја.

Фото и рецепт: Sonia Andreev