Кога одиме на летување децата често сакаат да ги јадат на плажа. Некои ги нарекуваат „Локумадес“ или „Фритули“, а за мене се мини крофнички со меден сируп или наросени со шеќер во прав. Многу се вкусни и сочни, но не сум знаела дека толку лесно можат да се приготват. Откога го знам рецептов многу често ги правам.




Овие фритули се навистина највкусните што сум ги јадела, па доколку се одлучите да го направите рецептов, нема да се покаете. Подолу во текстот можете да ја погледнете видео презентацијата од целата постапка, а еве кои состојки ви се потребни:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (за тесто): 240 г брашно, 300 мл млака вода, 1 прстофат сол, 1 мала лажичка сув квасец (1/2 кесичка). За наросување; 3-4 супени лажици шеќер во прав, половина лажичка цимет во прав, растопено чоколадо. И уште: 1 кеса со зип-затворање, длабоко масло за пржење




ПОСТАПКА: Во зип-кесата ставете ги сите потребни состојки за тестото. Најпрво ставете една лажичка сув квасец, прстофат сол и една ипол млака чаша вода, па протресете ја кесичката за да се раствори квасецот.




Потоа повторно отворете ја кесата и ставете го сето брашно. Не ви се потребни ниту миксер, ниту лажица за мешање, едноствно тестото го месите преку кесата додека брашното да ја впие течноста, да нема суви места и да се изедначи.




Проверете дали зип кесата е добро затворена, по поставете ја кесата хоризонтално, во легната положба, покријте го со крпа и оставете го на топло место за да ферментира квасецот и убаво да стаса тестото, околу 40-45 минути.




По изминатото време ќе забележите доста меури во тестото, што значи дека тоа е добро ферментирано. Малку премесете го (повторно преку кесата), а потоа со помош на прстите истиснете го неколку центиметри од работ на кесата.

Со ножици засечете две мали триаголничиња на еднакво растојание од краевите, со широчина од неколку милиметри. Од овие две дупчиња со истискување на тестото низ кесата ќе се формираат мали топчиња.




Во широко тенџере или тава ставете да се загрева масло за готвење со длабочина од најмалку 2 см, па истискувајте го тестото во вид на топчиња кои се тргаат со помош на дршката од виљушка или стапче за ражнич.

Пржете ги додека да добијат убава златна боја, а потоа вадете ги со решеткаста лажица врз хартиена салветка.




Во поширока кеса измешајте шеќер во прав со малку цимет, па ставајте по 10-тина фритули и со клацкање на кесата валајте ги фритулите да се обложат од сите страни. Потоа декорирајте ги со растопено чоколадо.

По желба, можете да ги потопувате и во шеќерен сируп во кој сте раствориле малку мед за арома (топли фритули во ладен сируп). Деталите погледнете ги ОВДЕ.