На што прво помислувате кога ќе го слушнете зборот „торта“? Мене отсекогаш ми бил омилен колачот со неколку слоеви од крем и бисквит за чија подготовка се потребни најмалку неколку часа. Особено доколку бисквитите треба посебно да се печат.




Ги сакам и тие „комплицираните“ торти, но повеќе сакам кога работите се поедноставни. Измешајте ги состојките и готово, имате колач. Затоа оваа домашна торта со ореви навистина ме воодушеви. Се приготвува без печење, единствено што треба е да се зготви кремот.




Но, и кремот толку едноставно се приготвува што секој може да ја направи оваа торта. Необичните слоеви за колачот се состојат од само три состојки: јаткасти плодови (ореви, лешник…), кекси и путер. Поради тоа добивате неверојатен десерт со орев-кремаст вкус за само половина час. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 150 г ореви, 100-150 г путер, 300 г плазма кекси (или по ваш избор), 50 г брашно, 150 г црно чоколадо, 50 г путер, 130 г шеќер, 3 јајца, 300 мл слатка павлака 33%, 300 мл млеко, 10 г ванилин шеќер (1 кесичка), 4 банани




ПОСТАПКА: Во едно тенџере изматете ги јајцата со шеќерот додека да се растопи и згуснат, па додајте ванилата и брашното, па убаво изматете додека смесата да се изедначи. Додајте ги млекото и павлаката 33%, па ставете на средна топлина и варете со непрекинато мешање додека да се згусне.




Тргнете го кремот на страна, додајте го чоколадото искршено на коцки и 50 г путер, па мешајте додека да се растопи и инкорпорира во смесата. Кремот тргнете го настрана да се лади со повремено мешање за да не се создаде кора одозгора или покријте го со фолија.




Во сува тава истостирајте ги оревите на умерен оган додека да ја испуштат аромата и да замирисаат убаво, оставете да се оладат, а потоа исечкајте ги ситно во блендер или сомелете ги. Сомелете ги и бисквитите, па соединете ги со оревите. Растопете го на пареа преостанатиот путер, па додајте го во мешавината. Ќе добиете смеса со конзистенција на влажен песок.




Калап за торти со флексибилен обрач (22 см) обложете го со проѕирна-стреч фолија. Бисквитната смеса поделете ја на 4 еднакви делови, а кремот на 3 еднакви делови. бананите излупете ги и исечкајте ги на тркалца (внимавајте да бидат со иста дебелина).




Истурете го првиот слој трошки, рамномерно распоредете го на дното и притиснете лесно со лажица или дното од чаша за да се израмни. Потоа нанесете ској од крем и одозгора наредете банани. Наизменично нанесувајте ги слоевите, повторувајте ја постапката и завршете со бисквитен слој од ореви.




Покријте ја тортата со проѕирна фолија и оставете ја во фрижидер да се стегне, најмалку 4 часа. Пред сервирање извадете го обрачот и фолијата. СОВЕТ: Не ги мелете премногу оревите, оставете и некои крупни парченца. По желба може да декорирате и со свежи бобинки. Бананите можете да ги замените со некое друго овошје за сосем друг вкус. Деталите од постапката погледнете ги во видеото ОВДЕ.