ЃЕВРЕК ПЛЕТЕНКИ…Едноставни, брзи и многу вкусни…Мирисаат неодоливо…Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (се мери со чаша од 200 мл и мала чајна чаша од 120 мл):

1 чаша топла вода
1 чаша топло млеко
1 кесичка сув инстант квасец
2 лажици шеќер
1/2 мала чајна чаша масло (50-60 мл)
1 лажичка сол
5,5 – 6 чаши брашно

За натопување и валање:
2 чаши печен сусам
1/2 мала чајна чаша меласа од грозје (маџун) или малтекс
1 мала чајна чаша вода

ПОСТАПКА:

1.Во подлабок сад измешајте ги топлата вода, млекото, квасецот и шеќерот. Додајте масло и измешајте за да се растворат состојките.

2.Постепено додајте го брашното со солта и замесете средно тврдо тесто кое не се лепи за рака. Покријте го и оставете го да ферментира на собна температура 30 минути. потоа поделете го на 14 еднакви парчиња.

3.Обликувајте топчиња и оставете ги покриени да одморат 15 минути. Во меѓувреме, во еден сад подгответе печен/тостиран сусам и во друг сад смесата меласа-вода.

4.Земете едно одморени топче и со прстите малку развлечете го долгнавесто да се сплеска, па свиткајте го во ролничка и продолжете да го валате со дланките за да добиете долгнавести тенки ролнички.

5.Виткајте по две ролнички спирално за да добиете едноставна плетенка. Постапката повторете ја со преостанатите теста. Ќе добиете 7 ѓеврек-плетенки.

6.Најпрвин потопувајте ги во раствор од меласа и вода, а потоа во сусамот, спа редете ги на плех обложен со хартија за печење.

7.Покријте ги и оставете ги да одморат 20 минути. Печете ги во загреана рерна на 190 степени. Додека се печат, ставете вода во сад отпорен на топлина на дното од рерната за да бидат ѓевречињата меки и крцкави. Постапката погледнете ја ОВДЕ.