Леб со ореви и брусница – БЕЗ МЕСЕЊЕ! Тестото измешајте го со лажица и оставете го 18 часа, а потоа испечете го…Овој леб со ореви и брусница без месење е, верувале или не, навистина лесен за правење. Не е потребно месење или миксер.

Тестото стасува 18 часа на собна температура и се пече во тенџере додека кората да стане убаво златно-кафеава и крцкава. Кога ќе го потчукнете со два прста треба да даде шупликав звук. Еве што ви е потребно (се мери со шолја од 250 мл):

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ:

3/4 шолја сува брусница
1 лажица рендана кора од лимон или портокал
1 лажица мед
1/2 лажиче Активен сув квасец
3 шолји сенаменско брашно (со поголема содржина на протеин)
1 лажиче шеќер
2 лажички кошер сол (или 1 обична сол)
1/2 чаша ореви
1 1/2 шолји вода

ПОСТАПКА:

Најдобро е тестото да го замесите одвечер, а следниот ден да го испечете. Во помал сад растворете го квасецот во малку млака вода, мед и 1-2 лажици брашно, па оставете го настрана да се активира и запени за што се потребни 10-тина минути.

Во подлабок сад измешајте го брашното со солта, направете бунарче и тука сипете го активираниот квасец и остатокот од млаката вода. Мешајте со лажица или шпатула сè додека целосно да се соедини и да нема суви грутчиња од брашното.

Потоа додајте ја ренданата кора од лимон или портокал, сувата брусница и оревите, па повторно промешајте за сето убаво да се распореди.

Покријте го садот со пластична фолија (без да го допирате тестото) и оставете го да отстои на собна температура 18 часа. Препорачаниот опсег е од 16 до 18 часа, но колку подолго, толку подобро.

По 18 часа, тестото ќе изгледа многу влажно и лепливо. Тоа е нормално! НЕ удирајте го тестото за да го истиснете воздухот од него, како што е обичај со другите теста.

Со помош на кујнска шпатула, тестото префрлете го на добро набрашнета површина и превртете го да се обложи со брашно. По потреба посипете уште малку брашно.

Набрашнете ги рацете. Нежно преклопете го тестото од рабовите кон центарот за да формирате топка, внимавајќи да не ги пукнете воздушните меури заробени внатре. Тестото внимателно префрлете го на хартија за печење, со мазната страна нагоре.

Нежно притиснете ги страните за повторно да се обликуваат доколку е потребно, а одозгора малку побрашнете. Покријте со најлонска фолија и оставете да отстои 30 минути.

Додека мирува, ставете го тенџерето сосе капакот внатре во рерната. Тенџерето не смее да содржи пластични делови и треба да биде некое во кое претходно успешно сте печеле на висока температура. Загрејте ја рерната на 230 степени, 30 минути.

Одозгора лебот засечете го во вид на „X“ или која било шема по ваша желба и нежно преобликувајте го ако е потребно. Извадете го жешкото тенџере од рерната. Со брзи потези подигнете ја хартијата за да го префрлите тестото во врелиот сад.

Покријте со капакот. Печете на истата температура во следните половина час. Тргнете го капакот и продолжете со печењето уште 8 до 10 минути или додека да порумени.

Оставете го печениот леб целосно да се излади пред да го исечете. На тој начин ќе остане воздушест, со внатрешни меури и многу мек.

Ваквата долга ферментација на лебот му дава специфичен вкус и арома, особено затоа што во него се содржи цитрусна кора, ореви и брусница.