Овие мали погачици се прават за час и остануваат меки и кога ќе се оладат. Тестото е едно од подобрите и поквалитетните кои ги имам правено.
Лепчињата може да ги правите слатки или солени, јас обично во нив додавам шеќер, но не се чувствува многу, а може да ставите и помалку.
На вкус се повеќе неутрални отколку слатки, па може да ги комбинирате со солени или слатки јадења. Однатре се шупливи и пенасти поради тестото кое е многу меко и одлично се растегнува благодарение на повеќекратната ферментација. Еве кои состојки ќе ви бидат потребни:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ:
135 г компир,
150 мл вода,
150 мл млеко (растително за посна варијанта),
25 г шеќер (или помалку),
3 г инстант квасец,
1 јајце или 1 лажица посен мајонез,
3 г сол,
250 г брашно,
28 г путер или маргарин и
семки по желба за посипување
ПОСТАПКА:
Kомпирот измијте го под млаз вода и излупете го. Исечете го на коцки, па потоа префрлете ги во тенџере. Излејте 150 мл вода и ставете го тенџерето на рингла, да се свари компирот и да омекне.
За да се скрати постапката, доколку имате соодветна опција во микробрановата печка, сварете го компирот во неа за 4-5 минути.
По изминатото време, компирот процедете го од водата и оставете го малку да се олади, околу 3-4 минути. Потоа со виљушка испасирајте го за да добиете фина паста.
Во пирето додајте 150 мл млеко (растително) и добро промешајте додека да ја добиете посакуваната густина.
Додајте го шеќерот, квасецот и солта и промешајте. Потоа во тестото ставате го јајцето или посниот мајонез (оставајќи малку настрана за подоцна), добро изедначете, па постепено започнете да го додавате брашното (околу 250 г брашно).
Формирајте компактно тесто кое не треба да се распаѓа, ниту да се лепи.
Тестото оставете го во садот кај што првично го замесивте и покријте го со крпа или проѕирна фолија.
Оставете да стасува на топло место околу 30 минути. По изминатото време, растопете го несолениот путер/маргарин, додајте го во тестото и убаво вмешајте го во него.
Замесете фино и меко тесто, а потоа повторно оставете да отстои додека да го удвои волуменот.
По изминатото време, префрлете го тестото на набрашнета површина, малку размесете го и поделете го на два еднакви делови од кои треба да пресечете вкупно 10 или 12 парчиња.
Секој дел од тестото се размесува во топче и се става во вдлабнатината од еден калап за мафини (нелеплив и претходно намастен).
На ист начин се подготвуваат и останатите теста. Можете да ги наредите и во тепсија, ако сакате да добиете погача.
Пред да се стават на печење, тестата се оставаат да ферментираат уште 30-45 минути, а потоа се премачкуваат со остатокот од јајцето или посен мајонез и по желба се посипуваат со семки.
Се печат во претходно загреана рерна на 180 степени, 15-18 минути. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.