Со ова тесто можете да приготвувате различни видови на печива кои излегуваат меки и воздушести како пуфка, а одлично се развлекува и за пици, лесно се обликува за погачи, од него може да се прават дури и крофни, фурнаринки, мафини и сè друго што ќе ви текне. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 250 мл млако млеко, 25 г свеж квасец (1/2 коцка), 1 супена лажица шеќер, 800 г брашно (се додава постепено за да се оцени точната количина), 60 г путер, 100 г јогурт, 2 јајца и 1 мала лажичка сол




ПОСТАПКА: Загрејте го млекото, но не смее да биде врело туку само малку затоплено, млако. Во него изронете го квасецот и додајте една лажица шеќер. Промешајте ги за да се растворат состојките.




Во растворениот квасец додајте 200 г просеано брашно, па повторно промешајте за да добиете еднолична смеса без грутчиња. Покријте го садот со кеса или проѕирна фолија, а одозгора и некоја кујнска крпа, па оставете на топло место да се активира квасецот, 20-тина минути.




Оваа мешавина од топло млеко, шеќер и брашно е одлична подлога за активирање на квасецот и отпочнување на ферментацијата. Она што е важно додека го подготвувате квасното тесто, е просторијата да биде топла и да нема провев за да не „пресече“ развојот на квасецот.




По изминатото време тестото ќе набубри, па потребно е да го изматите со жица-маталка. Следните состојки кои ќе ги додадете треба да бидат млаки или на собна температура: 100 г растопен путер, 100 г густ јогурт или кисела павлака, 2 јајца и 1 мала лажичка сол.




Добро изматете за да се соединат состојките во хомогена смеса. Потоа започнете постепено да го додавате просеаното брашно. На почетокот мепајте со лажица или жица, а потоа замесете со рака. Оставете малку брашно за домесување на тестото.




Кога ќе стане компактно и ќе се двои од ѕидовите на садот, покријте го повторно со кеса и крпа како првиот пат, и оставете го во топла просторија да ферментира уште 20 минути.

Потоа истресете го на набрашнета површина, лесно премесете го и обликувајте го по желба. Деталите погледнете ги ОВДЕ.