Единствена мана на неодоливите крофни е нивното пржење во длабоко масло, пришто не само што тие впиваат повеќе масло, туку и работата е напорна, бидејќи мора долго време да се стои на нозе покрај шпоретот додека да се заврши сета работа.
Некои домаќинки и за ова имаат решение, односно додаваат малку ракија во тестото за тоа да не впива повеќе масло од потребното. А за да не потемнува маслото од долготрајното загревање, во него ставаат дрвени четпкалки за заби или неколку зрна сиров грав.
Меѓутоа, со овој рецепт може да се одбегне и едното и другото, а сепак на брз и едноставен начин да се добијат меки и многу вкусни крофни. Освен тоа, крофните печени во рерна се сочни и погодни за полнење со различен фил.
Крофните по овој рецепт се големи и меки, внатре шупливи и многу погодни за полнење. Ќе ви ги претставиме најдобрите рецепти за крофни од рерна. Во некој се користи јогурт, во друг млеко, а вие одберете кој најмногу ви одговара, сите се одлични:
РЕЦЕПТ 1 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 40 г свеж квасец, 900 г остро брашно + околу 100 г меко брашно за месење и обликување, 4 цели јајца, 300 мл јогурт, 200 мл вода, 150 г шеќер + околу 150 г за валање на крофните, 150 г маргарин/путер + 100 г за премачкување ( за да бидат уште помеки). За помала количина соодветно намалете ги состојките.
РЕЦЕПТ 2 на Мирела Авдиќ – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 2 јајца (мали по величина), 200 мл млеко, 1 супена лажица квасец, 3 лажици шеќер, 1 прстофат сол, 20 г путер, околу 400 г брашно, околу 50 мл млака вода за замесување на тестото.
РЕЦЕПТ 3 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 70 г путер, 125 мл млеко, 125 мл вода, 2 јајца, 1 ванилин шеќер, 500 г брашно, малку сол, 1 квасец и 55 г растопен путер за премачкување на крофните откако ќе се испечат.
ПОСТАПКА – РЕЦЕПТ 1: Сите состојки треба да бидат на собна температура. Растворете го квасецот во млака вода и додајте една лажица шеќер.
Во длабок сад истурете ги брашното, јогуртот, јајцата, остатокот од шеќерот, растопениот маргарин и квасецот кој претходно бил оставен неколку минути на топло за да се активира.
Тестото соединете го со миксер за да биде меко и малку лепливо, или измешајте го со лажица/шпатула. Оставете го покриено со кеса на топло место да отстои еден час, додека да се удвои во големина.
Кога тестото ќе нарасне, посипете ја работната површина со меко брашно, истресете го тестото и месете нежно и полека.
Површината и тестото повторно посипете ги со брашно и развлечете кора со дебелина од 1-1,5 см. Вадете ги крофните со чаша или модла и редете ги во плех што сте го премачкале со маргарин или путер помешан со малку масло.
Погрижете се да оставите простор помеѓу крофните бидејќи многу ќе нараснат, а поради тоа сигурно нема да собере во еден плех.
Првиот плех со крофни оставете го да отстои 15 минути, па вклучете ја рерната да се загрева на 180 степени. Дури потоа со чаша вадете го крофните од втората тура, за да не престасаат ако ги извадите истовремено со првите.
Кога рерната ќе се загрее и крофните ќе се удвојат во големина, печете ги додека да добијат светлокафеава боја.
Додека се печат, растопете го остатокот од маргаринот/путерот и веднаш штом ќе ги извадите од рерна, веднаш премачкајте ги, а потоа валајте ги во шеќер, или мешавина од шеќер и цимет.
ПОСТАПКА – РЕЦЕПТ 2: Измешајте топло млеко, шеќер и квасец и оставете да се активира. Скршете две јајца, ставете прстофат сол и една лажица шеќер и промешајте со виљушка. Додајте го квасецот, па и него промешајте го со јајцата.
Додајте го брашното (оставете малку за домесување) и околу 50 мл млака вода. Мешајте со виљушка да добиете меко, воздушесто тесто. Потоа додавајте постепено брашно по потреба и замесете со рака.
Кога ќе започне да се одлепува тестото од ѕидовите на садот, покријте го со проѕирна фолија и оставете да го удвои волуменот. Потоа премесете го и префрлете го на работна површина каде ќе го домесите, па покријте го повторно и оставете го да одмори уште 10 минути.
Потоа развлечете кора со дебелина од 2 см, да не се претенки крофните ни предебели, колку еден прст. Со чаша вадете ги крофните, па редете ги крофните со растојание од приближно 2-3 см. Наредените крофни покријте ги со крпа и оставете ги 20-тина минути да стасуваат.
Останатото тесто повторно премесете го и оставате го да одмори, па повторете ја постапката. Се печат во загреана рерна на 180 степени, а кога ќе почнат да растат намалете на 150 степени, додека да добијат розеникава боја, внимавајте да не ги препечете.
Врелите крофни се валаат во шеќер во прав, а по желба можете да додадете и ванилин шеќер. Одозгора правете им дупче со рачка од дрвена лажица и со шприц полнете ги со фил по ваша желба.
ПОСТАПКА- РЕЦЕПТ 3: Квасецот помешајте го со брашното и ванилин шеќерот. Потоа додајте јајца на собна температура, млака вода, млако млеко и растопен путер па изладен, па замесете фино, меко тесто.
Месете го додека убаво брашното да ги впие сите состојки и започне да се одвојува од ѕидовите на садот. Тестото оставете го да стасува додека да го удвои својот волумен околу половина час или повеќе.
Кога тестото ќе стаса и убаво ќе нарасне и ќе го зголеми својот волумен, размесете го нежно колку да формирате топка, а потоа со помош на оклагија развлечете го во не премногу тенка кора, па со чаша вадете кругови.
За полесно да се сечат крофните и да излегуваат од чашата, пред секое засекување во тестото, чашата малку набрашнете ја. Плехот обложете го со хартија за печење и премачкајте го со малку растопен путер. Секоја крофна одозгора премачкајте ја со путер.
Оставете ги во плехот да стасуваат додека да станат воздушести и да го удвојат својот волумен. На тој начин тие ќе бидат меки како душа после печењето. Значи, откако ќе стасаат, дури потоа печете ги во претходно загреана рерна на 250 степени околу 20 минути.
Врелите печени крофни премачкајте ги со растопен путер (55 г) и оставете ги малку да подизладат и да го впијат путерот. Готовите крофни валкајте ги во шеќер кристал (за да се нафатат убаво од сите страни) и одозгора наросете ги со шеќер во прав. Може да додадете и ванилин шеќер.