Ова јадење најмногу ми го сакаат дома и затоа често го правам кога има млади и свежи тиквички.

Потребни состојки за полнење:

300 г мелено месо (со јунешко ми е најубаво)

1 главица црвен кромид (или обичен)

2-3 моркови

3-4 лажици ориз

Малку ливчиња целер

1-2 домати и малку салца или пире од домати

По потреба: сол, црн пипер, оригано, вегета, црвен пипер, мешавина за мелено месо-зачини..

Малку свеж босилек и магдонос

Останато:

2-4 тиквици (зависи од големината)

Малку масло

Неколку лажици рендан пармезан или друг кашкавал

За прелив:

3 јајца

100-150 мл кисела павлака

100-150 мл млеко

1 лажица брашно

Остатоци од тиквичкитте, рендани

Малку сол и црн пипер

Постапка:

Кромидот исечете го тенко и испржете го на масло, па кога ќе добие стаклеста боја додадете го меленото месо и пржете додека месото да се „разбие“ и да ја промени бојата.

во пржениот кромид додадете мелено месо

Пржете додека сета вода што ја испуштило месото не испари, а месото да потемне и почне да мириса на „ќебапи и плескавици“ : – )

кога прженото мелено месо е готово…

Додадете исечкан морков, малку пропржете па додадете ориз, па и него малку пропржете го.

Додадете сечкани листови целер, а бидејќи малку се потврди од магдоност не се додаваат на крај туку во средина од динстањето.

Додадете излупен домат исечкан на коцки, па повторно промешајте. Залијте со малку врела вода па поклопено оставете да крчка на тивко.

Повремено мешајте и долевајте вода по потреба. Сосот гответе го 20-30 минути или помалку.

Свежиот босилек и магдонос исечкајте ги и додадете ги во сосот со месо.

Тиквичките измијте ги, а ако се млади не треба да ги лупите. Исечете ги на парчиња со должина од 3-4 см.

Секое парче издлабете го со чајна лажичка и редете ги во тепсија едно до друго, за да исланирате отприлика колку простор ќе ви зафатат.

Сите остатоци се рендаат крупно, па кој сака може да го додаде во месото, но јас не го додавам.

Ренданите тиквички посолете ги и оставете ги да пуштат вода.

Издлабените тиквички сварете ги кратко во солена вода 3-4 минути. Наредете ги во намастена тепсија.

Секое парче полнете го со сосот од мелено месо.

Одозгора ставете малку рендан пармезан или некој друг кашкавал. Запечете во рерна околу 15-20 минути на 200 степени.

Во еден сад измешајте јајца, павлака, млеко и брашно. Посолете и ставете црн пипер по вкус.

Ренданите тиквички добро исцедете ги и додадете ги во смесата со јајцата, па измешајте.

Секое парче тиквица прелијте го со лажица. Зафатете од дното на садот, зошто ренданите тиквички потонуваат. Остатокот од преливот излијте го помеѓу тиквичките.

Запечете 15-тина минути додека да заруменат.