Ја направив оваа торта за мојот роденден, а мојот сопруг кој инаку не јаде чоколади, ниту чоколадни торти, не можеше да одолее зошто ситу присутни ја фалеа тортата и бараа рецепт. А кога ја проба не можеше да го скрие својот восхит, што за мене беше вистинско чудо.

Рече дека повкусно нешто не јадел досега, дека оваа торта сака да му ја приготвам и за неговиот роденден. Вкусот на оваа торта навистина потсетува на вкусот од марс чоколатцата, а секој залак се топи во уста. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (за калап со флексибилен обрач 20 см): 3 јајца, 80 г шеќер, 1 прстофат сол, 30 мл масло за готвење, 50 мл млеко, 80 г брашно, 20 г какао, 1 лажичка прашок за печиво (1/2 кесичка)

ЗА КАРАМЕЛ: 150 г шеќер, 70 г путер, 110 г слатка павлака го висока масленост 33-36%, 1 прстофат сол. ЗА МУС-КРЕМ: 100 г црно чоколадо, 100 г млечно чоколадо, 100 г слатка павлака, 60 мл вода или млеко, 10 г инстант желатин, 350 г слатка павлака. За глазура: 150 г млечно чоколадо и 30 мл масло




ПОСТАПКА: Во подлабок сад скршете 3 јајца, додајте прстофат сол и 80 г шеќер, па пенасто изматете ги со миксер додека шеќерот да се растопи и да добиете густа кремаста смеса (околу 7-10 минути).

Потоа додајте 30 мл масло и изматете кратко колку да се инкорпорира, а потоа додека матите во тенок млаз додајте и 50 мл млеко. Во посебен сад измешајте ги сувите состојки: 80 г брашно, 20 г какао и 1 лажичка прашок за печиво.




Мешавината од суви состојки најдобро е да се просее и постепено да се додаде во кремот од јајца или барем на двапати. Се меша полека со жица или шпатула, со превртување на смесата од долу кон нагоре за да се сочува нејзината пенливост.

Треба да добиете убава мазна и хомогена, кремаста смеса без грутчиња. Смесата излејте ја во калап за торти со флексибилен обраш 20 см, претходно обложен со хартија. Израмнете и ставете да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени околу 25-30 минути.




Печениот пандишпан оставете да подизлади, па превртете го, отстранете го обрачот и хартијата за печење. Со нож израмнете го врвот, отсечете ги нерамнините од површината, а потоа внимателно исечете го на три тенки кори.




ЗА КАРАМЕЛ: Во сува нелеплива тава ставете 150 г шеќер и оставете да се растопи на умерено тивок оган. Кога ќе добие убава карамел боја додајте 70 г несолен ладен путер исечкан на коцки. Мешајте додека да се растопи и соедини со карамелот.

Потоа додајте 110 г слатка павлака и мешајте додека и таа да се инкорпорира во карамелот. Додајте прстофат сол и промешајте, па тргнете на страна и оставете да се олади со повремено промешување.




ЗА КРЕМ: Двата вида чоколадо искршете го на коцки и ставете го во некој подлабок сад. Слатката павлака загрејте ја да биде доволно врела, но да не зоврие. Прелијте го чоколадото со топлата павлака и промешјате додека да се растопи и да добиете фина, мазна чоколадна смеса. Оставете настрана да се олади со повремено промешување.




Во еден подлабок сад ставете 60 мл млеко (или вода) и додајте 10 г желатин во прав. Промешајте и оставете 7-10 минути додека желатинот да набубри. За тоа време во фрижидер оставете многу добро да се олади 350 г слатка павлака.

Изматете ја со миксер додека да добиете шлаг. Додајте го растопеното и оладено чоколадо, па продолжете со матење додека да се изедначи. Во чоколадниот крем додајте го желатинот кој претходно треба да го растопите во микробранова печка (да биде во течна состојба). Изматете уште кратко и вашиот крем е готов.




РЕДЕЊЕ: ставете ја првата кора и со кујнска четка малку натопете ја со млеко или слатка павлака, нанесете чоколаден крем, па карамел, потоа повторно чоколаден крем, па следната кора. Постапката се повторува: се натопува со малку млеко, па крем, карамел и пак крем. Се поклопува со последната, трета кора која се натопува со малку млеко.




Тортата се остава во фрижидер да се олади и стегне, околу 4 до 6 часа или ако имате време оставете ја до следниот ден. Потоа отстранете го обрачот и прелијте ја со чоколадната глазура (на тивко растопете 150 г чоколадо со 30 мл масло). Оставете да се олади и стегне глазурата. Деталите од целата постапка погледнете ги ОВДЕ.