Црешите уште малку се со нас, а доколку ви растат во дворот знаете колку многу плодови може да изберете од едно дрво. Плус, домашните се највкусни, излегуваат големи, сочни и многу благи.

За да ги искористите сите цреши, без да ви скапат останатите можете да направите вкусен колач со кој ќе ги воодушевите домашните. Едноставно колачот се топи во уста, а овошниот вкус од црешите совршено се комбинира со останатите состојки. Еве што ви е потребно за да го направите:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 120 г путер, 1 јајце, 50 мл масло, 120 г шеќер, 8 г ванилин шеќер, 300 г брашно (+50 г брашно), 10 г прашок за печиво, 500 г цреши, 1 супена лажица нишесте (густин).




ПОСТАПКА: Путерот и јајцето ставете да се стопли на собна температура, половина до 1 час пред подготвување на колачот. Путерот исечкајте го на коцки, за ви биде полесно да го работите, додајте во него 1 јајце, па веднаш потоа и 120 г шеќер.




Додајте 50 мл масло, 1 кесичка ванилин шеќер и со задниот дел на супена лажица измешајте ги состојките, додека да добиете еднолична и соедината смеса. Постепено започнете да го додавате брашното, заедно со прашокот за печиво додека ги мешате состојките со лажица.




За овој колач не ви е потребно, ниту миксер, едносравно со лажица можете да ја добиете потребната конзистентност на тестото која треба да биде како полурастегливо тесто. Од тестото одземете малку настрана.




Останатиот поголем дел од тестото префрлете го во калап обложен со хартија за печење и со помош на тупаница растегнете го низ целата тепсија. Тестото треба да биде мазно и да се направи фина кора одозгора.




Тестото кое го тргнавте настрана измешајте го со 50 г брашно и размесете го уште малку додека да направите фини ронки кои треба да ги наросите подоцна одозгора. За филот ќе ви бидат потребни 500 г цреши кои треба да ги исчистите од семката и да ги поделите на половина.




Во црешите додајте 1 лажица густин и измешајте. Црешите наредете ги врз кората која претходно ја развлековте во тепсијата и рамномерно распоредете ги. Црешите покријте ги со ронките од брашно кои претходно ги подготвивте.




Колачот се пече во претходно загреана рерна на 180-200 степени, околу 30 минути. Прво вклучете ја рерната на 180 степени, па подоцна може да ја зголемите температурата доколку колачот се пече споро.

По печењето колачот се остава добро да се олади, а потоа се сече на правоаголни парчиња или на коцки. Многу е вкусен. Одозгора може да го наросите со шеќер во прав.