Флијата е едно од најомилените јадења на Балканот. За подготовка на флијата се потребни многу малку состојки кои веројатно постојано ги имате во домот. Вкусната флија се базира на техниката на печење, затоа нејзината подготовка е макотрпна и се подготвува долго време, отприлика речиси 4 часа.

Фото и рецепт на Билјана Лазареска




Состојките за флија се многу едноставни: брашно, вода, путер, јогурт и сол. Главните состојки се мешаат сè додека смесата да добие форма нешто погусто од смеса за палачинки. Следниот рецепт за флија е на Билјана Лазареска која веќе 2 години професионално се занимава со подготовка на флија. За заинтересираните подетално може да ја исконтактирате на линкот ОВДЕ.

Фото и рецепт на Билјана Лазареска




Билјана на нејзината страница подготвува флија во посна и мрсна варијанта од која излегуваат 60 парчиња. Таа вели: „Се изработува исто како ѓомлезето со таа разлика што наместо масло се премачкува со дресинг од кајмак, кисело млеко и масло.




Поконкретно 500 г кајмак, 500 г кисело млеко и 200 г масло или растопен путер. За кашата е потребно 3,3 кг брашно, 1,5 мл кисело млеко или јогурт, 4-5 лажици сол и вода по потреба за да биде малку погусто од смесата за палачинки.

Фото и рецепт на Билјана Лазареска




Изработката трае подолго, потребни се околу 4 часа, а сечењето по желба“, вели Билјана. Флијата традиционално се подготвува во сач од железо, но секако може да се подготви и во рерна за оние кои што немаат сач. Секако професионалната флија се прави во сач, ако се прави во рерна нема да биде толку сочна, ќе биде малку посува и помрсна. Сепак ова е една алтернативна опција.




Постапка: Од овие состојки се замесува ретка смеса како за палачинки. Корите се печат, една по друга во специјална тава загреана на жар, и капак кој исто така се загрева и потура со врела жар и пепел. Секоја кора се премачкува со дресингот, кора по кора под сач. Потоа се сече, се премачкува со дресингот и оди на крајното печење.

Фото и рецепт на Билјана Лазареска




Корите се филуваат со дресинг од кајмак, кисело млеко и масло, но питата може да се послужи исто така и со кисел зеленчук, кисело млеко, сирење, мед или џем. Во домашни услови, односно за печење во рерна, рецептот е малку поинаков, но подеднакво е вкусен.




Печење во рерна: Од брашното, солта и ладна вода се замесува ретка смеса како за палачинки. Во друг сад се мешаат растопениот путер и останатите состојки за премачкување, сè додека да се изедначат. На тепсијата се истура од смесата.

Фото и рецепт на Билјана Лазареска




Се пече 3-5 минути, а најдобро е да се вкучат само горните грејачи. Се премачкува со другата смеса, па повторно се истура од смесата: Повторно се премачкува и се пече 3-5 минути. Постапката се повторува сè додека да се исполни тепсијата.

Фото и рецепт на Билјана Лазареска




Се остава да излади 10-тина минути, па се послужува со јогурт, кисело млеко, сирење, мед, џем… Значи, може да се испече и во рерна, но секако дека традиционалното печење под сач е најдобро.

Фотографиите и рецептот за вкусната флија се на Билјана Лазареска која има свој мал бизнис за подготовка на професионална флија. Доколку сте заинтересирани да ја исконтактирате може да погледнете повеќе на линкот ОВДЕ.