Оваа прекрасна и декоративна погача можете да ја направите за секаква свечена пригода. Погачата е приготвена без јајца и млеко, па така можат да ја јадат и иние кои се нетолерантни на овие состојки, или пак, постат. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 мл вода, 1 супена лажица шеќер, 40 г свеж квасец – 1 коцка, или 10 г сув квасец – 1 кесичка, 1 супена лажица сол, 100 мл масло, 900 г брашно + уште малку за да се домеси, 100 г посен маргарин, 2 супени лажици посен мајонез

ПОСТАПКА: Во еден помал сад или чаша изронете го свежиот квасец, додајте една лажица шеќер и една чаша топла вода (200 мл). Промешајте да се раствори, па оставете на топло место 10-тина минути додека квасецот да се активира и запени.

За тоа време измерете 900 грама брашно. Половината од брашното истурете во садот за месење, па додајте една лажица сол и промешајте. Потоа додајте 300 мл топла вода и 70 мл масло. Продолжете да мешате со лажица.

Додајте го активираниот квасец и продолжете со мешање. Ќе добиете густа полутечна смеса како за уштипци. Во ова меко тесто започнете постепено да го додавате остатокот од тестото. Кога тоа ќе стане доволно компактно, продолжете го месењето со рака.

Кога тестото ќе биде убаво измесено и обликувано во топка, прелијте го со 30 мл масло и продолжете со месење уште минута-две додека тоа да се инкорпорира (не предолго). Оставете го да одмори 5 минути, а потоа истресете го врз работна површина наросена со малку брашно.

Тестото поделете го на два дела, едниот поголем (2/3), а другиот помал (1/3). Помалиот дел обликувајте го во топка, а поголемиот дел поделете го на 8 приближно еднакви делови, па и нив обликувајте ги во топчиња. Наросете ги со малку брашно, покријте ги со крпа и оставете ги да стасуваат половина час.

Потоа секое од малите топчиња развлечете го со оклагија во тенка кора со дијаметар од 15 до 20 см. Земете ја првата кора, уште малку развлечете ја со оклагијата и премачкјате ја со растопен маргарин. Поклопете со втора кора. Постапката повторете ја и со останатите кори, односно спојувајте ги две по две (да добиете 4).

Секој пресечете го на 4 делови (четвртини). Ножот или секачот набрашнете го, па секој триаголник засечете го во средината. Низ овој отвор протнете го остриот врв на триаголникот, а двете страни малку свиткајте ги одоздола. Постапката повторете ја со сите 4 делови, така што ќе добиете вкупно 16 „корнети“.

Кружен плех/тепсија (30 см) обложете со хартија за печење. Ставете едно парче и премачкајте го со маргарин. Ставете го вториот дел, да налегне врз првиот, па и него премачкјате го, а на ист начин наредете ги сите преостанати делови во круг, со надоврзување еден врз друг. Кога ќе го наместите и последниот дел, „венчето“ тргнете го настрана и сработете го оној првиот дел од тестото.

Од него скинете едно мало парче со големина на орев и тргнете го настрана. Остатокот од тестото поделете го на 8 делови, а секој дел обликувајте го во топче. Со топчињата пополнете го празниот, средишен дел во „венчето, но секое премачкувајте го странично со маргарин (за да не се залепат, а после печењето лесно да се двојат).

Со намастени прсти одвојте ги топчињата од „вечето“, зашто во текот на печењето тие ќе нараснат. Од она малечкото тестенце развлечете долгнавесто кориче, свиткајте го во ролатче и обликувајте го во ружичка, па ставете го во центарот. Целата погача покријте ја и оставете ја да стасува половина час.

Стасаната погача одозгора премачкјатер ја со посен мајонез во кој сте додале малку маргарин и токму ова е тајната состојка која дава мекост и уште подобар вкус. Потоа декорирајте ја со семки и семе, па вклучете ја рерната да се загрева на 200 степени. Печете ја приближно 40 минути или додека убаво да зарумени. Потоа премачкјате ја со малку маргарин (не мора) Деталите погледнете ги ОВДЕ.