Ова е еден вид „тиропита“, бидејќи се приготвува со сирење („тири“ на грчки значи сирење), но не содржи кори. Сите состојки се матат, а смесата се излева и се пече, Може да се прави и со повеќе видови сирење. Овој рецепт е со два вида сирење и кисела павлака. Брзо и многу вкусно – Данка.

тиропита

Потребни состојки: 5 јајца, 200 г брашно, 400 г фета сирење, 200 г ајдамер (едамер) или некое друго тврдо сирење, 1 чаша од 180 г кисела павлака, 100 мл масло и 1 лажичка прашок за печиво.

Постапка: во подлабок сад изматете ги јајцата со жица маталка, да бидат како за похување. Потоа во нив додајте иситнето фета сирење (со виљушка) и ајдамер (едамер) изрендан на крупно ренде.

Потоа во смесата додајте кисела павлака, масло, брашно и прашок за печиво. Промешајте со лажица додека да се изедначи смесата и да нема грутчиња од брашното. Тепсија со пречник од 30 см (или помала, за повисока пита) намастете ја.

На дното излејте ја смесата и протресете за да се израмни. Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени околу 45 минути. Печената кора треба да има дебелина од околу 2 прсти.

Може да се послужи топла или ладна со чаша јогурт. / Данка / Сооlinarika.сom. Не го пропуштајте ниту следниот рецепт кој е уште поедноставен од претходниот: „ЛЕЗА ПИТА“, мирисна, лесна, вкусна, совршена за појадок или вечера со чаша јогурт.

леза пита

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 3 големи или 4 мали јајца, 200 г младо сирење, 1 млада тиквичка со средна величина, 1 чаша (250 мл) палента, 400 мл густ течен јогурт / кисела павлака, 100 мл млеко, сол по вкус и кој сака може да додаде моцарела или бело тврдо сирење

ПОСТАПКА: Во подлабок сад изматете ги јајцата со виљушка. Измиената и исчистената тиквичка исечкајте ја на мали коцкички, па додајте ја во јајцата. Додајте го и младото сирење, посолете, палентата , јогуртот и млекото.

Опционо, кој сака може да додаде уште малку солено тврдо бело сирење (јас овојпат додадов коцкички моцарела и малку оригано, а во изворниот рецепт не се содржат. Вие ако сакате додајте нешто по ваш вкус).

Она што е важно е дека тестото треба да биде доста ретко, дури нешто поретко од она за палачинки. Смесата излејте ја во плех (за потенка) или калап со средна величина за малку повисока. Рерната загрејте ја на 200 степени.

Најдобро е да се пече во големиот плех од рерна, бидејќи „Леза пита“ треба да биде тенка, така да, земете го во предвид ова при изборот на плехот за печење. Ставете ја во претходно загрената рерна на 200 степени и печете ја додека да добие убава златна боја.

Додека е топла премачкајте ја со милерам и прекријте ја со фолија да одмори 15-тина минути. После тоа можете да ја сечете и да ја послужите со чаша јогурт или нешто по ваш избор. / Маваца / Сооlinarika.com