Некој го нарекува „нутма“, „бучма“, „раванија“, „сунѓерка“, а кај нас дома го нарекувавме едноставно „пандишпан“. Во зависност од кој крај потекнувате, веројатно имате ист или сличен колач кој го нарекувате поинаку од останатите.
Суштината е иста, тестото е од изматени јајца со шеќер и брашно или гриз, полиено со шербет.
Може да се додаваат и мелени ореви или мешавина од гриз и брашно, но ние дома го правевме најобичен, со селски јајца и брашно. Не пропуштајте го вториот рецепт од професионалниот готвач Том Филос за кој имате и видеопрезентација:
Има една приказна која е поврзана за овој колач. Имено, ако некој ви дојде на гости додека се пече овој колач, не треба да му дозволите да си замине додека целосно да биде готов и да му дадете да го проба.
Во спротивно, колачот ќе „сплесне“ и нема да биде убав и мек како сунѓер. Еве што ви е потребно:
РЕЦЕПТ 1 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 10 јајца (по можност селски, за да добие колачот убава жолта боја), 10 супени лажици шеќер, 10 супени лажици брашно. ЗА СИРУП: 1.3 литар вода, 800 г шеќер, 1 кесичка ванилин шеќер (10 г).
РЕЦЕПТ 2 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 10 јајца, 150 г шеќер, 1 кесичка ванилин шеќер (10 г), 60 мл растително масло, 150 г брашно, 1 кесичка прашок за печиво (10 г). ЗА СИРУП: 600 г шеќер, 600 мл вода, 60 мл лимонов сок
ПОСТАПКА за рецепт 1: Скршете ги јајцата во подлабок сад и додајте го шеќерот.
Изматете ги пенасто со миксер 10-тина минути или додека шеќерот целосно да се размати, а јајцата убаво да згуснат во светка кремаста смеса. Треба да остануваат траги од маталките.
Потоа започнете да го додавате брашното, но лажица по лажица. За овој чекор не ви треба миксерот, туку мешате со лажица или кујнска шпатула, со бавни движења за да остане смесата пенлива и воздушеста.
Треба да добиете убава мазна смеса без грутчиња. Додека ги матите јајцата, а потоа го вмешувате брашното, најдобро е да ви биде вклучена рерната да се загрева на 250 степени.
Кога ќе биде годово тестото излејте го во калап 22х32 или со слични димензии, намастен и набрашнет или обложен со хартија за печење.
Колачот печете го во загреаната рерна но веднаш штом ќе го ставите, намалете ја температурата на 200 степени неколку минути колку да фати коричка и убаво да зарумени, а потоа намалете на 150 степени и така печете го приближно еден час.
Повремено ѕиркајте го и проверувајте го колачот да не ви загори, па ако ви е пресилна рерната намалете ја температурата уште малку. Проверка дали е печено: лесно притиснете со рака одозгора, па ако се враќа, добро е. Оставете да се олади.
ЗА СИРУП: Во едно тенџере сипете вода, додајте шеќер и ванила, па ставете на оган. Штом зоврие, промешајте за да се уверите дека сето е добро растворено, па тргнете од оган и оставете целосно да се олади. Залијте го ладниот колач со ладниот сируп и оставете да се впие.
ПОСТАПКА за рецепт 2: јајцата пенасто изматете ги со миксер, па започнете постепено да го додавате шеќерот и ванилата, лажица по лажица.
Матете непрекинато додека шеќерот да се растопи и да добиете густа смеса. Потоа во тенок млаз додајте го маслото, малку по малку.
Во брашното додајте го прашокот за печиво и промешајте. Миксерот намалете го на најмала брзина, па додавајте лашица по лажица од брашното. Матете сè додека смесата да се изедначи.
Излејте ја во намастен и набрашнет калап (35х28 см) и ставете да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени, 35 минути.
ЗА СИРУП: Сипете го шеќерот во водата и промешајте, па ставете на оган. Кога ќе зоврие, тргнете го тенџерето настрана и во сирупот додајте го лимоновиот сок.
Печениот колач исечете го на коцки, па прелијте го со топлиот сируп. Топло со топло. Оставете да се олади. Видеопрезентацијата на Том Филос погледнете ја ОВДЕ.