Шарен ролат со мелено месо…Економичен и одличен ручек направен од состојки што ги имате в кујна…Кога од малку ќе направиме многу, е токму овој ролат од месо.

Како на економичен начин да ја искористите малата количина мелено месо и зеленчук и да добиете одличен ручек: не мора да го користите токму зеленчукот кој е наведен во рецептот, сето може да биде по ваш избор.

Потребни состојки: 600 г мелено месо, 4 јајца, 100 г стар леб, 100 мл млеко, 2 лажици брашно, 1 главица кромид, 2 чешниња лук. сол и црн пипер по вкус, 1 лажица сув зачин, 1 прашок за печиво (10 г)

За полнење (по избор): 2 моркови, 1 шолја од 200 мл грашок, 1 шолја пченка, 1 шолја рендан кашкавал

Постапка: сечканиот кромид издинстајте го на малку масло, а кога че омекне додајте го и лукчето. Оставете да излади и процедете го вишокот масло.

Лебот издробете го поситно, прелијте го со млеко, додајте јајца, сув зачин и црн пипер, па добро промешајте. Додајте го месото, исцедениот кромид (од масло) и прашокот за печиво, па убаво соединете.

Додека ова го правите ставете да се вари зеленчукот, не подолго од 15 минути. Изладете. Ставете фолија на работната површина (две парчиња едно преку друго).

Истресете ја смесата врз фолијата и со намастени раце формирајте правоаголник. Преку целата површина распоредете го зеленчукот и ренданиот кашкавал, па со помош на фолијата обликувајте ролат и стиснете ги краевите.

Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 200 степени околу еден час.

Печениот ролат одвиткајте го од фолијата, па ако треба потпечете го уште малку да добие убава боичка.

На фолијата може да наредите и ленти сланина и така да го завиткате ролатот, тогаш ќе биде уште повкусно. Ролатот мора да се олади за да се сече на убави парчиња.