Секоја домаќинка има свој начин на приготвување а ова е мојот омилен ЃУВЕЧ

Потребни состојки:

1 парче бело пилешко месо

2 млади кромитчиња (или една помала главица кромид)

1 млад лук (или 1-2 чешниња лук)

2 млади моркови

1 тиквичка

1 зелена пиперка или 2 лажици ајвар

8-10 млади компирчиња

1,5 шолјичка ориз

1 лист рен

Сечкан магдонос

Сол, вегета, црн пипер

2 лажички црвен пипер

Ловоров лист

Масло

Постапка:

Во голема тефлонска тава ставете масло да се загрее. Кромидот и лук исечкајте ги на тркалца заедно со перцата. Морковот и тиквичката исчистете ги и исечкајте ги на мали коцки. И белото месо исто така. Зелената пиперка исечкајте ја, а наместо неа можете да додадете и ајвар зошто многу добар вкус им дава на јадењата со зеленчук. Компирчињата исчистете ги па преполовете ги.

Бо маслото пропржете го кромидот и морковот, додадете го месото, па заедно пржете додека месото да побели. Додадете црвен пипер и сето добро промешајте го, па додадете ги компирчињата и тиквичките, зелената пиперка или ајварот и ситно сечканиот лист од рен, полијте една чаша вода, промешајте и поклопете.

Оставете да се крчка некое време на тивок оган, а потоа додадете и ориз, посолете и додадете зачини по вкус, долејте уште малку вода и повторно поклопете и оставете да се крчка. Кога компирот ќе омекне, значи дека оризот е веќе сварен, па исклучете ја ринглата и оставете ѓувечот да се докрчка и да фати тенка коричка одозгора.

Под коричката ѓувечот мора да остане сочен, никако сув и без течности, па обратете внимание на тоа и долевајте по малку вода повремено додека се готви. Сервирајте како главно јадење со сезонска салата.

Loading...