Home ТЕСТО Рецепт за домашни кроасани, повкусни од пекарница

Рецепт за домашни кроасани, повкусни од пекарница

Рецепт за домашни кроасани

Овој рецепт за кроасани е едноставен, а резултатот е неверојатно вкусен – крцкава кора и мека внатрешност што се топи во устата.

Совршени за појадок, ужина или за послужување на гости, овие кроасани може да ги подготвите во поголема количина и да ги чувате во замрзнувач за секоја пригода.

Следете ја оваа лесна постапка и уживајте во домашно приготвена пекарска магија, пишува НМД. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ:

– 660 г брашно
– 200 мл млака вода
– 200 мл млако млеко
– 20 г шеќер во прав
– 10 г сув квасец
– 2 јајца
– 8 г сол
– 150 г путер (омекнат)
– сусам и ким (по желба, за декорација)
– 1 лажица масло (за премачкување)
– НМД

ПОСТАПКА:

1. Во сад за месење, измешајте 200 мл млака вода, 200 мл млако млеко, 10 г сув квасец и 20 г шеќер. Промешајте додека квасецот се активира (околу 2-3 минути).

2. Додајте 2 јајца, при што од едното јајце одделете ја жолчката и зачувајте ја за премачкување. Потоа, постепено додавајте 660 г пченично брашно и 8 г сол. Започнете со мешање со лажица, а потоа продолжете со раце.

3. Месете го тестото 4-5 минути додека стане меко, еластично и нелепливо. Формирајте го во топка, покријте го садот со проѕирна фолија и оставете го да нарасне на топло место околу 1 час или додека не го удвои волуменот.

4. По нарасувањето, нежно притиснете го тестото за да го ослободите од воздух. Префрлете го на лесно набрашнета површина и поделете го на 12 еднакви делови. Секој дел обликувајте го во топче.

5. Секое топче раcукајте го во круг со дијаметар на голем сервирен тањир (или помал, по желба), користејќи оклагија или сукало.

Набрашнете малку за да не се лепи. Раcуканите топчиња ставете ги на чиста крпа, внимавајќи да не се допираат.

6. На дното на правоаголен сад посипете малку брашно и ставете го првото раcукано топче. Премачкајте го со омекнат путер (околу 12-15 г по топче).

Поставете го следното топче врз него и повторете го процесот со сите 12 топчиња, премачкувајќи ги со путер меѓу слоевите. Последното топче не го премачкувајте.

7. Покријте го садот со проѕирна фолија и ставете го во замрзнувач 20 минути за путерот да се стегне.

8. По 20 минути, извадете го тестото и ставете го на лесно набрашнета површина. Раcукајте го во голем квадрат без да користите дополнително брашно, освен ако е неопходно за да не се лепи.

9. Исечете го тестото на 15 еднакви ленти или триаголници, во зависност од саканиот облик. Секоја лента свиткајте ја во ролна за да добиете кроасани.

10. Наредете ги кроасаните на плех обложен со хартија за печење, оставајќи простор меѓу нив за да нараснат.

Во зачуваната жолчка додајте 1 лажица масло, измешајте и премачкајте ги кроасаните. По желба, посипете ги со сусам или ким.

11. Печете во загреана рерна на 180°C (горно-долно печење) 30-35 минути или додека не добијат златнокафеава боја. Внимавајте на времето, бидејќи секоја рерна е различна.

12. Извадете ги кроасаните од рерна и оставете ги кратко да се изладат пред послужување.

Совети
– Овие кроасани може да се замрзнат пред печење и да се испечат кога е потребно, без промена во вкусот или текстурата.
– За уште побогат вкус, користете квалитетен путер.
– Доколку сакате помали кроасани, поделете го тестото на повеќе делови или исечете помали ленти.

Уживајте во овие домашни кроасани со крцкава кора и мека внатрешност, совршени за секоја пригода! Постапката погледнете ја во видео прилогот ОВДЕ: