Ако си помисливте дека ова е само обичен рецепт за славски посни колачи, погледнете ги повторно состојките.

Во овие штангли, кои не се печат, нема никакви масти, така што тие се совршени за оние на кои им е потребен фин и квалитетен колач за деновите кога се пости на вода.

Потребни состојки, I слој:

150 г мелени ореви или други јатки*
100 г шеќер во прав
околу 2 лажици свежо цеден сок од портокал, без пулпа

за II слој: неколку лажици ладен џем од дренки

за III слој:

150 г излупени мелени бадеми (пред да ги излупите се околу 200 г)
100 г шеќер во прав
околу 2 лажици лимонов сок
2-3 лажици мелени ореви за посипување

Постапка:

1.Измешајте ги оревите со шеќер во прав. Додајте сок од портокал и со рака замесете смеса која по конзистенција е како влажен песок (или пластелин).

Бидете внимателни при додавањето на втората лажица, бидејќи само неколку капки повеќе може да го размекнат колачот и да нема цврстина.

2.Врз хартија за печење со помош на оклагија развлечете правоаголна кора со величина малку помала од 15х20 см. Со широката страна на ножот рамнете ги страните за да добиете рамни страни.

3.Истиот процес повторете го со бадемот и лимоновиот сок за третиот слој, на посебен лист хартија за печење.

4.Првиот слој премачкајте го со тенок слој џем од дренки (или каков имате по вкус), па преклопете го со слојот од бадеми.

Ставете хартија преку колачот и лесно поминете со оклагија за да добиете правоаголник 15х20 см.

5.Одозгора посипете мелени ореви кои на почетокот нема да бидат залепени, но со стоење во фрижидер ќе ја впијат влагата и ќе се фиксираат за горната површина.

6.Ставете го колачот во фрижидер малку да се стегне, а потоа сечете ги штанглите со величина 5х1х1,6 см.

Напомена*: секогаш мелете околу 200 г ореви, бидејќи дел останува во машината за мелење.

200 г бадем со лушпа дава 150 г бланширан, излупен и мелен бадем. Излупен и тостиран бадем можете да најдете во продавници за здрава храна и во поголемите маркети.

Ако купувате сирови бадеми во лушпа, тогаш ставете ги во мало тенџере со зовриена вода и варете ги 1-2 минути додека лушпата да се олабави.

Потоа ставете ги во ладна вода и излупете ги. Наредете ги на чиста крпа и исушете ги.

Оставете ги на собна температура барем еден ден, а ако немате време тогаш исушете ги во рерна на 100 степени, но не смеат да се препечат и да ја променат бојата. Треба да останат бели, а да крцкаат при мелењето.