ПОСНИ ПИРОШКИ БЕЗ МЛЕКО И ЈАЈЦА: однадвор крцкави, а одвнатре меки и шупливи. Рецепт на Сања од каналот Аурора Рецепти. „Здраво драги мои пријатели, еве еден мој рецепт за превкусни пирошки кои се подготвуваат многу едноставно“, вели Сања.

„Многу го сакам овој рецепт бидејќи однадвор излегуваат крцкави, а одвнатре се многу меки. За време на постите, ги правам шупливи, а на децата најчесто им ги полнам со фил од шунка, кашквалал, павлака зависи што ќе ми се најде во кујна.

Се подготвуваат од неколку состојки, а не се многу масни. Ќе ви бидат потребни следниве состојки: 300 мл млака вода, 8 г сув квасец, 1 лажичка шеќер, брашно по потреба, а мене ми требаше околу 500 г и уште 1 лажичка сол.

Постапка: Во подлабок сад замесете го тестото. Прво ставете ја водата со сувиот квасец и шеќерот, измешајте со дрвена лажица и оставете квасецот да набубри некои 2-3 минути. Потоа постепено додавајте го брашното и посолете при формирање на тестото.

Тестото не го месете премногу долго. Веднаш штом ќе се формира, иако е малку лепливо склопете го во поголемо топче и врз него прелијте со маслиново масло. Покријте ја ванглата со проѕирна фолија и оставете тестото да нарасне околу 45 минути.

Јас оставив да отстои само 30-тина минути бидејќи кај мене во кујна е многу топло и доволно порасна за тоа време. Потоа ставете го тестото на набрашнета површина и поделете го на два еднакви делови.

Секој дел размесете го во подебел валјак и со раце вадете топчиња за пирошките. Топчињата редете ги на набрашнетата површина, намастете ги со малку масло, покријте ги со проѕирна фолија и оставете да отстојат 10-15 минути.

После секое топче го развлекувате со оклагија, онолку колку што сакате да ви бидат големи пирошките. Но, мој совет е да го развлечете тестото што потенко за однадвор да бидат крцкави, а одвнатре да не се чувствува само тесто туку баш да бидат меки и вкусни.

Јас ги правам празни, не ставам никаков фил, а по желба може да им ставите ајвар или праз за да добиете посни пирошки. Исто така моите деца ги сакаат вака празни, а потоа си ги полнат со шунка, кашкавал или нешто по нивен избор.

Секое развлечено тесто го виткате како ролат и ги редите под фолија да отстојат уште малку додека маслото за пржење да се загрее. Ги пржам две по две (колку што ми собира во тенџерето) во длабоко масло додека да заруменат од сите страни.

После ги ставам на хартија малку да се исцедат од маслото во кое се пржеле, но воопшто не се масни. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ.