ПОСНИ МАНАСТИРСКИ РЕЦЕПТИ НА ВОДА: Сирење, качамак од зелје, сос

Во кујната на манастирот Рукумија денес се приготвуваат вкусни јадења, посни на вода, без масло. За сите кои постат ова се одлични рецепти кои треба да си ги запишат и да си ги приготват. Освен што се посни, овие јадења се и многу здрави. Овојпат монахињите открија три рецепти за приготвување на сирење од бадем, качамак од зелје, и сос од нане.

Качамак на вода со зелје




Сирење од бадем

РЕЦЕПТ 1 – СИРЕЊЕ ОД БАДЕМ – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 чаша (150-200 г) сирови бадеми, сок од 1/2 лимон (околу 2-3 супени лажици), 1 лажичка сол. Сирењето од бадем уште се нарекува и брзо сирење кое многу лесно и едноставно се приготвува, а претставува многу хранлива и вкусна намирница која во периодот на постот е многу корисна.




Бадемот потребно е да биде сиров и да е бланширан. Бланшираните бадеми се поскапи од нелупените, но без проблем и сами дома можете да ги излупите. Се преливаат со врела вода и се оставаат да отстојат околу половина час, а потоа се лупат од тенката надворешна кафеава опна.




Потоа се претвора во брашно со помош на рачен миксер или блендер. Треба добро да се иситни, колку е можно најситно. Брашното од бадем се посолува со лажичка сол, се закиселува со лимонов сок, па се меша со лажица додека убаво да се соединат состојките. Додајте едно ситно исечкано гранче свеж копар и малку рендано мускатно оревче.




Кога убаво ќе се промеша се добива изедначена бела, густа смеса како тесто. Може веднаш да се јаде како младо сирење и да му се додаде уште некоја мирудија по вкус, а ако сакаме да биде тврд, за сечење, тогаш треба да се остави да отстои најмалку два часа. Обложете еден сад со проѕирна фолија, па истресете ја внатре смесата, добро распоредете и израмнете, поклопете со друга фолија, обликувајте и оставете во фрижидер.

Сирење од бадем




РЕЦЕПТ 2 – КАЧАМАК НА ВОДА СО ЗЕЛЈЕ – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 2-3 китки зелје (околу 500 г), вода, сол по вкус, 4 полни супени лажици пченкарно брашнио. ПОСТАПКА: Ова е многу стар рецепт кој се приготвува многу, многу едноставно. Се става вода да зоврие, се посолува, па се става зелјето.




Наместо зелје може да се користат сите оние сезонски билки како што се лобода, коприва, спанаќ, листови од липа..односно, сè што ви е при рака од сите тие јадливи растенија. Се остава малку да врие водата за да го попари зелјето, па кога тоа ќе омекне се вади со решеткаста лажица врз даска и со голем нож ситно се сечка.




Се враќа назад во тенџерето и во истата вода се додава пченкарното брашно, четири преку врв полни супени лажици. Се меша и се готви на умерена температура додека смесата да се згусне, а потоа се излева во некој сад и се остава настрана да се подизлади.




РЕЦЕПТ 3 – СОС ОД НАНЕ – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 2 полни до врв супени лажици мелен сончоглед, 2 супени лажици брашно, околу 2 чаши вода или повеќе, 1-2 лажички сув зеленчуков зачин, сол и црн пипер по вкус, 1 лажица суво или 3 супени лажици свежо нане.

Сос на вода со нане

ПОСТАПКА: Сосот од нане се приготвува за многу кратко време, а се добива еден многу фин и вкусен прелив. Најпрво се става мелениот сончоглед малку да се истостира/потпече во сува тава. Се загрева на умерена температура неколку минути со непрекинато мешање додека убаво да замириса.




Штом сончогледот го ослободи мирисот, се додава брашното, сув зеленчуков зачин (1-2 лажички), малку црн пипер, сол по вкус и се меша уште малку на тивок оган. Потоа се додава вода, околу една-две чаши, односно до посакуваната густина, и се меша непрекинато бидејќи смесата веднаш се згуснува.




Најдобро е прво да се стави една чаша вода, а потоа да се долева постепено уште вода и да се раствора смесата додека да ја добиеме посакуваната густина, која за сосот треба да биде ретка. На крај додајте околу една рака ситно сечкано свежо нане, промешајте и гответе уште минутка колку да се ослободи мирисот на нането. Деталите од постапката погледнете ги во видеото ОВДЕ.

Претходна статијаРАФАЕЛО ТОПЧИЊА ЗА 5 МИНУТИ: Се топат во уста, секој ден ќе ги правите
Следна статијаСОЧНА ТОРТА СО 2 ЈАБОЛКА: Едноставна и брза, измати и испечи