Нема ништо поубаво кога кујната ќе замириса на тазе домашно печено лепче. За жал, денес ретко се меси леб поради недостиг на време, но според мое мислење, секој треба барем за викендите да си замесува и да си има домашно за преку неделата.




Јас многу сакам домашен леб и досега имам испробано огромен број рецепти. Можеби ќе си помислите „леб е леб“, но верувајте, во секој рецепт има нешто различно, без разлика што тестото се замесува од само брашно, вода и квасец.

Бев пресреќна кога го открив овој рецепт, зашто токму него го барав и повеќе не го менувам. Лебот приготвен на овој начин излегува мек како душа и мислам дека е најдобар од сите досегашни што сум ги испробала. Не пропуштајте го и запишете си го. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 мл млака вода, 1 супена лажица сув квасец (1 кесичка од 10 г), 1 супена лажица шеќер, 700 г бело брашно (тип 500), 1 мала лажичка сол, 4 супени лажици маслиново масло




ПОСТАПКА: Во еден сад сипете топла вода, додајте по една супена лажица сув квасец и шеќер, па промешајте за да се растворат. Оставете на топло место 5-10 минути додека да се активира квасецот и да запени.

Во друг подлабок сад просејте 600 г брашно (се просејува за да има понежна текстура). Додајте една мала лажичка сол и промешајте. Во средината направете мало вдлабнување, па додајте го активираниот квасец.




Промешајте со дрвена лажица додека брашното да ја впие водата и да се создаде комапктна смеса. Тестото во овој момент е меко и лепливо. Залијте го со две супени лажици маслиново масло. Повторно промешајте со лажицата со едноставни потези додека да се инкорпорира маслото.




Потоа во оваа фаза додајте уште 100 г просеано брашно и потфатете го тестото со рака. Многу е важно основата на тестото да биде мека и леплива, а со додавање на оваа мала количина брашно се постигнува негова компактност. Месете го нежно, како да го потфаќате со лопатка. И натаму е меко и лепливо.




Кога ќе се впие и ова брашно, додајте уште две супени лажици маслиново масло и продолжете со месење на истиот начин. Ќе забележите дека набрзо ќе престане да се лепи и ќе почне да се одвојува од ѕидовите на садот. Наросете сосем малку брашно и обликувајте го во топка (во садот).




Покријте го со стреч-проѕирна фолија и оставете го да ферментира 60 минути во топла просторија без провев. Стасаното тесто наросете го со прстофат брашно и нежно премесете го за да се истисне воздухот од него. Истресете го врз набрашнета работна површина, па поделете го на два дела, за две векни леб.




Обликувајте две топки, покријте ги со кујнска крпа и оставете ги да одморат 10 минути. Потоа секое од тестата диплете го на следниот начин за да обликувате векна: малку развлечете ја топката со прстите, па префлете го едниот крај како да виткате кифла, притинете со прстите, па преклопете ги страните и продолжете на истиот начин како да сте „спакувале“ ролат.




Вака подготвените векни ставете ги во плех обложен со хартија за печење. Покријте ги со крпа и оставете ги да ферментираат уште 10 минути пред печењето. Потоа премачкјате ги со вода и одозгора наросете пченкарно брашно или ситна палента.

Направете површински засек и ставете да се пече во добро загреана рерна на 220 степени приближно половина час или додека да зарумени. Печениот колач покријте го со кујнска крпа и оставете да подизлади пред послужување. Деталите погледнете ги ОВДЕ.