Овој универзален крем може да го користите како декорација за торти и колачи, наместо шлаг, но многу е вкусен доколку со него ги филувате тортите. Во кремот може да се додаваат разни додатоци и да се користи како фил. Секој десерт изгледа прекрасно со овој крем кој е готов за неполни 20-тина минути, а доколку приготвувате торта без печење, тогаш ова е полн погодок за вас.




Кремот се подготвува многу брзо и лесно, а на вкус е многу воздушест и кремаст, онаков каков што го прават во познатите слаткарници. Доколку сте љубители на ванилин крем, ова ќе биде совршениот рецепт за вас. Јас често го подготвувам, а понекогаш дечињата го јадат со лажица како пудинг. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 4 жолчки (80 г), 120 г шеќер, 25 г брашно (3 лажици), 25 г пченкарен скроб (3 лажици), 1 стапче ванила (или 1 кора од лимон), 500 мл млеко, 250 мл неутрална павлака за готвење. И уште (опционално): 50 г скроб, 200 мл слатка павлака, 120 г маскарпоне.




ПОСТАПКА: Жолчките, млекото и павлаката за готвење се оставаат на собна температура, за да можат полесно да се соединат и кремот да излезе многу кремаст и воздушест. Одвојте ги белките од жолчките (за овој рецепт ви се потребни само жолчки).




Изматете ги кремасто со жица/маталка, па постепено започнете да го додавате шеќерот (половина шолја). Енергично соединете ги состојките додека шеќерот да почне да се растопува во жолчките. Колку се жолчките потопли, толку побрзо шеќерот ќе се растопи во нив. Додајте 3 лажици обично брашно и 3 лажици пченкарен скроб.




Со постепено додавање на сувите состојките, постојано соединувајте додека да се добие густа смеса која тешко ќе паѓа од лажица. Во смесата додајте малку млако млеко за да се разреди и полесно да се соедини, отприлика 50 мл или малку повеќе, па повторно се соединува. Потребно е да добиете смеса нешто погуста од онаа за палачинки.




Остатокот од млекото (од вкупно половина литар) се излева во тенџере и се меша со едно стапче ванила или за арома се ренда малку кора од лимон. Се остава млекото да зоврие на ниска температура, па кога ќе се појави првиот клуч се излева основната смеса од жолчки. Сѐ заедно се соединува на оган со константно мешање, околу 2 минути, додека кремот добро да се згусне.




Кремот изгледа нешто како пудинг, можеби малку погуст. Се остава да се олади под стреч-фолија, а во меѓувреме се миксира 250 мл павлака за готвење во цврст снег. Кога двата кремови ќе се изедначат со температурата, односно жолтиот крем кога ќе се олади, се соединуваат со постепено преливање со шпатула и нежно се соединуваат, со превиткување, а не класично мешање.




За погуст крем (како на пример за крофни) во основната смеса се додава уште 50 г скроб. Доколку кремот го сакате малку покремаст и специфичен на вкус, може настрана да изматите 200 мл слатка павлака и 120 г маскарпоне во цврст снег, а потоа да го соедините кремот, како со 250 мл слатка павлака (се додава прво 250 мл, па потоа измиксаната 200 мл павлака со маскарпонето). Деталите погледнете ги ОВДЕ.