Фотографија и рецепт на Даринка Николиќ. Во продолжение прочитајте го рецептот на Даринка Николиќ, а под него имате и втор рецепт од архивите на НМД.мк. Медените колачиња многу долго остануваат меки и свежи, но за да го продолжите нивниот рок на траење уште повеќе, направете вака:

Во една чаша со врела вода разматете една лажица мед, па печените меденки откако малку ќе подизладат колку да можете да ги фаќате со рака, кратко натопувајте ги во медената вода и после редете ги врз хартија за да се исушат.

Потребни состојки: 3 лажици мед, 2 жолчки, 1 цело јајце, 1 чаша (од 200 мл) масло, 1 филџан за кафе млеко, 1 лажичка сода бикарбона, 250 г шеќер, 1 лажичка цимет, ½ лажичка мелено каранфилче и 800 г брашно

Постапка: Три лажици мед изматете ги додека малку да побели, па додадете две жолчки и едно цело јајце. Матете за да се соединат. Потоа додадете една чаша масло, една мала кафена шолја млеко во која сте разматиле една лажичка сода бикарбона.

Во смесата додадете и 250 г шеќер, една лажичка цимет, половина лажичка мелено каранфилче. Пенасто изматете ја смесата и постепено започнете да додавате брашно…околу 800 грамови. Тестото треба да биде средно, не многу меко, за да можат да се формираат топчиња со величина на орев.

За подобро да ви се формираат топчињата најдобро е тестото да го оставите половина час во фрижидер и рацете да ги навлажнувате со ладна вода за да не ви лепи од медот. Редете ги во плех обложен со хартија и печете ги во претходно загреана рерна на 200 степени, колку да пораснат, а потоа намалете ја температурата на 180 степени.

Кога ќе бидат печени веднаш не ги фаќајте затоа што ќе бидат меки, но како ќе се ладат надворешната кора ќе им се стврднува. Тоа нека не ве буни, не ги препекувајте затоа што после ќе бидат претврди.

УШТЕ ЕДЕН РЕЦЕПТ ЗА МЕДЕНКИ ОД АРХИВАТА НА НМД.мк Потребни состојки: 250 г шеќер, 3 јајца, 250 г цветен мед, 100 г маргарин/путер, 700 г брашно, 2-3 лажички сода бикарбона. По желба: малку цимет или зачин за меденки

Постапка: Шеќерот, јајцата, путерот и медот пенасто изматете ги, па додадете брашно помешано со зачини и сода бикарбона. Замесете мазно тесто. Ставете го тестото околу половина час во фрижидер и после тоа обликувајте топчиња со величина на орев, па редете ги во плех обложен со хартија на мало растојание за да не се залепат при печењето.

Печете ги на 180-200 степени додека да добијат златножолта боја, околу 15 минути. Меденките се меки, не треба да отстојуваат, можете веднаш да ги послужите. При правењето на топчињата, рацете малку натопувајте ги во ладна вода за да не ви лепи тестото.