Погачата е една од омилените печива од тесто која најчесто се подготвува за поголемите празници и прослави. Овој рецепт за погача е популарен за големиот празник Велигден, но често домаќинките ја подготвуваат и во другите денови од годината. Погачата е многу мека, а најдобро од сѐ е што може да се јаде и жешка и ладна. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 200 мл млака вода, 200 мл млако млеко, 8 грама сув или 30 г свеж квасец, 1 лажичка шеќер, 3 лажици масло, 1 лажичка сол, 600 г брашно. ЗА ФИЛ: 250 – 300 г сирење, 1 лажица кисела павлака, 50 г путер и 50 мл масло за премачкување, 1 јајце за премачкување на погачата.

ПОСТАПКА: Во подлабок сад истресете 8 г сув квасец или издробете 30 г свеж. Сипете 200 мл млака вода, 1 лажичка шеќер и 2 лажици од севкупната количина на брашно. Измешајте ги состојките во еднолична смеса додека сѐ да се соедини. Оставете го квасецот да набубри на топло место.

Кога квасецот ќе запени, додајте го млакото млеко и 2 лажици масло. Повторно соединете еднолично, па постепено започнете да го додавате брашното, помешано со солта. Додавајте по малку од брашното, па кога ќе се впие во тестото, додајте повторно и така до крај, додека да ја искористите целата количина.

Потребно е да замесите мазно и меко тесто на рамна површина. Кој сака во тестото може да додаде 1 јајце, но навистина нема потреба. Кога ќе го замесите тестото, вратете го во садот и прелијте го со 1 лажица масло.

Покријте со стреч-фолија и памучна крпа и оставете да ја удвои својата количина колку што е потребно, приближно 30-тина минути. По изминатото време, поделете го тестото на 3 еднакви дела и обликувајте ги во топчиња. Секое топче набрашнете го и покријте ги под крпа, додека развлекувате едно по едно, за останатите да не се сушат.

Развлечете ја првата кора колку што потенко можете, растопете го путерот со маслото и премачкајте ја целата кора. ЗА ФИЛОТ: Издробете сирење по избор (јас користев кравјо) и помешајте го сирењето со 1 лажица павлака. Поделете го филот на три дела и премачкајте со првиот дел преку целата кора.

Преку првата кора ставете ја втората развлечена кора, која треба да биде со иста големина како првата. Намастете со масло и путер, па филувајте со сирењето и павлаката. Одозгора доаѓа и третата кора која се намастува и филува на истиот начин.

Потоа, кората се превиткува на следниов начин: третата кора која е најодозгора се превиткува од двете страни до половина, па потоа и од другите две страни. Коцката од третата кора на средина се намастува, па се повторува процесот и со втората, па со првата кора.

Вака подготвената погача се притиска малку да се развлече и се пренесува на хартија, па во плех. Се покрива со крпа и се остава да нарасне уште малку. Одозгора премачкајте ја погачата со едно јајце и преостанатиот путер.

Вклучете ја рерната да се загрева на 200 степени, 45 минути. Кога ќе порумени во текот на печењето, се става фолија за да не загори. Деталите од целата постапка погледнете ги ОВДЕ.