Општо познато е дека растението Линцура е многу лековита билка. Подеднакво е позната и ракијата со додаток на нејзиниот корен.

Меѓутоа, она што е помалку познато е дека ова растение е заштитено со закон, односно неговата експлоатација од природата е забранета, бидејќи секоја билка која се вади од корен, со време исчезнува од своето поднебје.

Тоа практично значи дека до коренот на линцура легално може да се дојде само со одгледување.

Линцурата веќе со децении се одгледува особено на алпските подрачја од Европа. Кај нас на Балканот главно се добива од природни ресурси бидејќи се уште не е развиена култивацијата на ова растение.


Успева на високи, планински места

Линцурата не трпи високи температури и не може да успее на места пониски од 1000 м надморска височина. Меѓутоа, тоа не е нејзината најважна карактеристика кога станува збор за одгледувањето, туку како и за секоја друга билка, важни се климатските услови.

Специфичноста за нејзино одгледување е тоа што за вадење на нејзиниот корен се чека во просек пет години, бидејќи, само после овој период коренот ја доспева одговарачката тежина од околу половина килограм, што е оптимална величина од аспект на принос, но и вадење, чистење и сушење.

Првата година од одгледувањето е најтешка, бидејќи бара најголеми финансиски вложувања за чиј повраток мора да се чека, а притоа, успехот во голема мера зависи од временските услови кои би морале да бидат оптимални.

Дефицит во Европа

Потребите од коренот на линцура во Европа се околу 6000 тони свеж корен годишно. Примена наоѓа во фармацевтските производи, но она што е помалку познато, и во голем дел од прехрамбената индустрија. Најчесто како ароматизер во производството на алкохолни и безалкохолни пијалаци.

На европаскиот пазар линцурата ја нема доволно, па затоа нејзината култивација е оправдана.

 

 

Задолжително сушење

Линцурата кај народот е позната под името “срчаник”. Во природата оваа билка може да доживее старост и до 50 години! Нејзиниот исушен корен е ароматичен, за разлика од свежиот, кој има непријатен мирис.

Се вади наесен или рано во пролет. Коренот се суши брзо, расечен на половина, на место со добар провев. После сушењето треба да добие жолта или црвенкастокафеава боја.


Лековитоста на коренот од линцура произлегува од хетерозидите со горчлив вкус. 
Некои од нив се сметаат за најгорчливи можни супстанции. Со горчливоста на хетерозидите се стимулира работата на желудникот и лачењето на желудочен сок, празнење на жолчната кеса и прозводство на жолчен сок.

А, за добар крвоток доволно е да се стави парче корен од линцура со должина од 5 см во шише со ракија, па во мали чашки да се пие на празен желудник.


Народната медицина линцурата ја препорачува и за стомачни проблеми, против грозница, за јакнење на организмот и подобрување на апетитот.

Лековитиот напиток се прави со ставање на коренот во ракија или со варење во вода, која подоцна исто така, се пие во мали чашки на празен стомак.

 

 

Само на празен стомак

Линцурата се препорачува и во случај на напад на мачнина и несвестица, како и за лекување на анемија и бледило.             Надворешно се користи за лекување на длабоки, инфицирани рани.Како лек или помошна терапија линцурата е делотворна и кај бубрежни болки, гасови во стомакот, опстипација, менструални болки, бронхитис, ждригавица, кашлица, пад на имунитетот…

Во случај на воспалени вени, како облога се препорачува корен од линцура помешан со ракија. Има широка лепеза на тераписко делување бидејќи линцурата освен хетерозиди содржи и некои други лековити супстанции. На прво место тоа се алкалоидните гентанини, потоа растителни влакна, растителни масти, етерични масла, минерални соли, пектин…

Линцурата единствено не им се препорачува на бремени жени и лица со зголемен крвен притисок, како и на лица кои имаат гастритис и чир.

Препаратите од оваа лековита билка, исклучиво треба да се земаат половина до еден час пред јадење. Доколку се земат непосредно пред оброк или после јадење, може да предизвикаат проблеми со варењето.