Козињакот е слатка погача сплетена во вид на плетенка која традиционално се приготвува за Велигден. Најуспешна е кога кога ќе се испече и олади да биде „леcна“ и при кинењето да се двои на конци. Ќе ви претставиме два начини за приготвување на тестото, еден леcен и еден класичен.

рецепт 2

За полесниот начин тестото се замесува со лажица, а пред крај само многу малку со рака колку да добие облик, па се става во намастена кеса и се остава да ферментира преку цела ноќ (може 24 часа), а следниот ден се плетат плетенките и се пече. Вториот начин на подготовка е класичниот начин со повеќе стасувања и премесувања, но сиот труд се испалти, зашто на крај ќе ги добиете најголемите конци и најлесното печиво. Видеопрезентациите за двата рецепти можете да ги погледнете најдолу во текстот. Еве што ви е потребно:

рецепт 2




РЕЦЕПТ 1 (за тесто во фрижидер) – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (се мери со чаша од 250 мл): 4 јајца, 2 чаши шеќер, 1 чаша масло, 1 чаша кисело млеко, 1/2 мала лажичка сода бикарбона, 1 чаша млеко, 2 кесички сув квасец* (14 г), 1.2 кг брашно, 1 кесичка ванилин шеќер, рендана кора од еден лимон (*на различни пакувања има различна грамажа за сув квасец, па според тоа соодветно треба да ја прилагодите количина. На секоја кесичка е назначено за колку брашно е доволно)

РЕЦЕПТ 2 (со огpомни конци) – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 200 мл млако млеко, 14 г сув квасец, 200-240 г шеќер, 4 лажици течен, светол мед (84 г), 120 мл млак јогурт, рендана кора од 1 лимон или портокал, 4 големи јајца, 4 жолчки, 1 лажица рум или ракија, 1 прстофат сол, малку есенција со вкус на рум (1 мл), 1150 г брашно или по потреба, 100 г маст, 150 г путер

ЗА ФИЛ: суво грозје натопено во рум (исцедено и исушено со салфетка), чоколадни капки, локум, чоколаден намаз, џем или мармалад. За премачкување: 1 жолчка со 1-2 лажици млеко, за наросување шеќер, бадеми, ореви и др.




ПОСТАПКА за рецепт 1: сите наведени состојки треба да бидат отстојани на собна температура (да не се ладни и директно извадени од фрижидер). Во подлабок сад кршете ги јајцата и додајте го шеќерот, па изматете со жица маталка и додајте го топлото млеко. Мешајте додека шеќерот да се растопи (тенџерето можете да го ставите на тивок оган да се загрее, но само да замлачи, не повеќе од тоа!).




Во киселото млеко додајте сода бикарбона и убаво промешајте. Во длабок сад просејте го брашното (ова е важно, може да го просеете и двапати за да биде понежно) Тргнете една чаша брашно настрана. Во средината направете вдлабнување и сипете го сувиот квасец, ситно рендана кора од лимон, киселото млеко, маслото, како и мешавината од млако млеко, јајца и шеќер. По желба додајте ванила. Мешајте со лажица полека додека да добиете компактно меко тесто кое е лепливо за рака.




Врз работната површина наросете го брашното што го тргнавте настрана и истресете го тестото. тестото не треба да се меси како за леб или други печива, зашто е многу меко и лепливо. Набрашнете ги прстите и само подигнувајте го едната страна и префрлувајте го кон средината.

На тој начин полека ќе го впие брашното, ќе добие еластичност и облик. На овој начин треба да се работи 5-10 минути, не повеќе. Ако тестото и после тоа сè уште ви е доста лепливо, едноставно намачкајте го со малку масло и со намастени дланки доработете го на истиот начин уште минута-две.




Тестото складирајте го во чиста голема кеса, намастена од внатрешна страна и оставете го во фрижидер до следниот ден. Дали доволно ферментирало ќе го тестирате на следниот начин: притиснете го нежно со прстот, па ако за кратко време се израмни вдлабнатината, значи дека е добро. Или пак, штипнете го на едно место и повлечете го, па ако се кине на конци, значи дека добро ферментирало. Ако тоа не е случај, тогаш загрејте ја рерната на 50 степени и ставете го внатре да стасува еден час, па дури потоа работете го.




Стасаното тесто поделете го на три дела за три плетенки или на онолку дела колку што планирате. Водете сметка дека плетенките треба да ги печете во калап за леб/ролат (долги, длабоки, а тесни) и да го исполнуваат половина од волуменот, зашто после ферментацијата и печењето тие двојно ќе нараснат.

Тестото се работи врз малку намастена површина со намастени дланки, а се дели на две, три или четири топчиња од кои се развлекуваат долгнавести валјачиња со должина на калапот. Се сплеснуваат и се филуваат со мармалад, суво грозје, сечкан локум, фил од ореви или мак, или пак, нешто по ваш избор, па се затвораат.

Потоа се плети плетенката и се става во калапот обложен со хартија за печење. Се става во загреана рерна на 50 степени да стасува 40-50 минути (или во топла просторија, додека да го удвои волуменот). Потоа премачкјате ја со разматена жолчка во која сте ставиле малку млеко, декорирајте со ореви или други јатки по желба и посипете шеќер.

Ставете да се пече во загреана рерна на 170-180 степени 35-40 минути или прилагодете го печењето според вашата рерна. Ако брзо заруменува одозгора покријте со алу-фолија и допечете до крај. Следи постапката за вториот рецепт:




ПОСТАПКА за рецепт 2: Сите состојки мора да се собна температура или млаки. Во млакото млеко додајте една лажица шеќер, квасецот и 100 г брашно, па добро промешајте да нема грутчиња и оставете да ферментира на топло место додека тројно да зголеми волуменот. Повторно промешајте го и оставете го да ферментира по вторпат, а потоа и третпат. Може да го оставите и со една ферментација, ќе има сосем мала разлика.




Активираниот квасец (по трите ферментации) помешајте го со другите состојки (јогурт, рендана кора, шеќер, мед, јајца, жолчки, сол, рум, есенција, брашно), без маста и путерот. Замесете убаво мазно тесто и затворете го во намастен сад со капак или со намастена кеса. Тестото се меси малку подолго за разлика од првиот рецепт и потврдо е. Оставете да стасува на топло додека тројно да го зголеми волуменот (во мојот случај 90 минути, но може и подолго да трае).

Стасаното тесто раширете го додајте малку маст и омекнат путер, па месете додека целосно да се апсорбира во него и постапката повторете ја додека да се впие целата количина од маст и путер. За ова е потребно подолго месење и обработка на тестото, но тоа на крај станува многу еластично.

Повторно оставете го да стасува на топло место додека тројно да го зголеми волуменот (60-90 минути). Потоа поделете го на онолку делови колку што планирате да правите плетенки. Валјаците споснувајте ги и полнете ги со фил по избор, а потоа плетете ги.

Плетенките редете ги во плех или калапи обложени со хартија за печење, покријте ги со фолија за да не се сушат и оставете ги да стасуваат околу еден час. Потоа премачкјате ги со жолчка и посипете ги со шеќер и јатки, па печете ги во претходно загреана рерна на 170 степени, 40-45 минути. Добро е на дното во рерната да поставите сад со вода. Печените плетенки оставете ги да се оладат врз решетка. Деталите од првиот рецепт погледнете ги ОВДЕ, а од вториот ОВДЕ.