I РЕЦЕПТ – Тестото за овие кифли е навистина предобро. Особено смесата со која се премачкуваат корите ги прави тие да бидат меки како душа а лесни како пердув. Можете да ги приготвувате во солена или слатка варијанта, секогаш излегуваат превкусни.

Потребни состојки: 1 квасец, 400 мл млеко, 200 мл вода, 3 рамни лажички сол, 1 лажица шеќер, 850 г брашно +- За премачкување: 140 г путер, 3 жолчка, 1 лажица брашно и уште: 1 јајце и семе по желба за наросување одозгора.

Постапка: Активирајте го квасецот со 200 мл топло млеко, шеќер и лажичка брашно. Додадете ги останатите состојки и замесете меко тесто. Оставете го на топло да стасува додека да ја удвои величината. Стасаното тесто поделете го на 4 дела.

Посебно соединете ја маста со жолчките и брашното, па добро измешајте или изматете. Секој дел развлечете го во кора со величина на една поголема чинија и премачкајте ја со приготвената смеса (сите четири кори). Оставете ги половина час да одморат, а потоа спојувајте ги две по две.

Развлечете ги на побрашнета маса како кора за пити, рамномерно на сите страни. Тестото се развлекува со раце, а не со оклагија, бидејќи и горната кора е намачкана. Не мора да биде многу тенко, но навистина многу убаво се развлекува.

Со помош на чаршавот кој е под кората, свиткајте ги двата краја како ролат, така што речиси да се допираат на средината, па пресечете со нож по должина. Така добивате два ролата.

Секој ролат сечете го на еднакви делови (кифли) и редете ги во плех обложен со хартија за печење. Оставете да одморат за да нараснат, а потоа премачкајте ги со изматено јајце и наросете ги одозгора со семки по ваша желба.

Загрејте ја рерната на 180 степени и печете ги додека да заруменат. Постапката повторете ја и со другиот дел од тестото. Од оваа количина излегуваат два големи плеха од рерна. Тестото може да се филува и со сладок и со солен фил, но вкусни се и ако се празни. / coolinarika.com

II РЕЦЕПТ – Кифлички со јогурт и кисела павлака за 20 минути – ЖУ ЖУ. Брзи, вкусни, подобри од купечките! Можете да ги приготвувате за разни слави, родендени и други свечени пригоди, но можете да ги правите и секој ден, бидејќи на сите им се омилени и сите ќе ви ги бараат.

Потребни состојки: 100 мл јогурт, 100 мл кисела павлака, 100 мл млеко, 100 мл масло, 2 јајца, 2 лажички шеќер, 40 г свеж квасец, малку сол, 700 г брашно +- За фил: 250 г путер/маргарин, 200 г + 200 г ситно сирење, 200 г салама, 1 белка

Постапка: Павлаката, јогуртот и млекото малку замлачете ги, додадете шеќер и квасец и уште 4 мали лажички брашно. Кога ќе се активира, додадете ги другите состојки, замесете тесто и оставете на топло место за да стаса и да го удвои својот волумен.

Потоа развлечете една голема кора, преку неа изрендајте еден ладен маргарин и наросете 200 г ситно сирење. Свиткајте во ролат кој треба да отстои половина час, па повторно се развлекува голем правоаголник кој се сече на пет ленти. Во цик-цак се сечат лентите за да се добијат тријаголници.

Се филуваат со 200 г сирење и салама сечкана на коцки. Се премачкуваат со разматена жолчка. Можете да ги замрзнете па да ги вадите и печете по потреба. Печете ги додека да добијат убава боја на 180-200 степени, во зависност од вашата рерна. / recepti.com