„Овој рецепт е за сите оние кои немаат доволно време, за почетници и за сите оние кои ги сакаат едноставните работи на едноставен начин.

Во океанот рецепти за домашни пити, еве го и мојот, скратена постапка и прилагоден за оние кои се премногу зафатени или помалку вешти… Со минимален напор до максимален резултат!“, објасни блогерката Каталпа, а ова е нејзиниот детален рецепт:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ:

За тесто:
200 г меко брашно + за домесување
200 мл млака вода
1 лажичка сол
малку масло

За фил (по избор):
2 големи главици црвен кромид
400 г мешано мелено месо
800 г компир
малку течна павлака за готвење
зачини: сол, сува зеленчукова мешавина, црн пипер, малку црвена мелена пиперка

ПОСТАПКА:

За еден час од моментот кога ќе почнете да ја приготвувате домашната пита, можете да имате зелник или сирењак, затоа што изработката е наједноставна, а и за филот не губите многу време.

Меѓутоа, филот кој овојпат ви го предлагам бара малку повеќе време за да се приготви, па по ваша желба можете да го примените истиот или да ставите некој друг, по ваш вкус.

Постапка за тесто: мене ми е доволно да замесам тесто од 200 г брашно, но почетниците можат да замесат тесто со повеќе брашно.

Во брашното додајте сол и со млака вода замесете меско тесто. Добро измесете го, 10-тина минути за да добие еластичност и обидете се да не додавате премногу брашно, за да не добиете тврдо тесто.

Обликувајте топка и обилно премачкјате го тестото со масло, па оставете го малку да одмори.

Додека тестото одмора, вие пригответе го филот: издинстајте го кромидот исечкан на коцкички, па додајте мелено месо, а потоа и компир исечкан на што поситни коцкички.

Кога добро ќе се испржи зачинете го по вкус, па тргнете го од оган и додајте малку павлака колку за вкус. Вклучете ја рерната да се загрева на 250 степени.

После 5-10 минути одморање време е тестото да се премеси, но овојпат со масло. Значи, на тацната каде го оставивте тестото вовлекувајте ги прстите под него и од краевите месете кон средината, во круг (како да го диплите).

На овој начин месете го заедно со маслото додека тестото да стане некако покопмактно, помазно и поеластично. На почетокот ќе ви се чини дека тоа станало „жилаво“ и дека од него нема ништо да може да се направи, но не грижете се, така треба да биде.

Повторно премачкјате го од сите страни и оставете го пак да одмори. Ќе забележите дека текстурата станала многу помазна. Додека одмора по вторпат, вие пригответе ја масата со чаршав за тегнење.

Целиот чаршав посипете го со брашно за да не се залепи тестото. Потоа ставете го тестото на средина од масата. Посипете ја со малку брашно и со раката притиснете одозгора, а потоа протријте ја и оклагијата со брашно.

Полека развлечете ја колку што можете потенко, а за сето време по потреба посипувајте по малку брашно. Кога ќе бидете задоволни со големината на кората, посипете ја со масло и премачкјате ја преку цела површина.

Не штедете на масло, но немојте ни да претерувате. Од ова зависи како тестото ќе се растегнува. И, оставете ја така да одмори 10-тина минути. За тоа време пригответе го плехот и намастете го со масло.

Рацете измијте ги и избришете ги. За тегнеење на кората треба да бодат чисти и суви…Со лесни движења повлекувајте ја кората кон себе и така полека кружејќи околу масата, малку по малку додека да добиете многу тенка кора.

Доколку самите краеви останале дебели можете да ги отсечете. Кога сте задоволни со постигнатото, намастете ја кората на едниот крај во ширина од 10 см, во многу теок слој масло и нанесете фил.

Потоа користејќи го чаршавот подигнете го и свиткајте ролатче, онолку колку што е потребно за да се покрие филот. Со нож отсечете ја ролничката, свиткајте во полжав (или исправено) и наредете во плех.

Потоа повторно, онаму каде што сте пресекле повторно намастете, наредете фил и повторете ја постапката. Јас од ова тесто пополнувам цел плех.

Питата во плехот малку намастете ја за да не е сува и ставете да се пече во загреаната рерна. Печете 20-тина минути до половина час или додека убаво да зарумени. печената пита прекријте ја со крпа.

Исто така, по желба можете да ја премачкате со павлака во која сте додале малку сол, и да ја вратите во рерна да се допече. Ако ја филувате со сирење, тогаш задолжително додајте и јајце во сирењето, па заедно со павлаката изматете и прелијте ја пред да се потпече…

Рецепт на Каталпа / Сооlinarika.сom