Според преданијата, луѓето сочувале некои верувања во однос на иконите, па речиси немало дом без икона на некој светец. Сите тие икони, според верувањата, имале за цел да го заштитат домот и луѓето кои живеат во него. За различни проблеми луѓето преку молитва им се обраќале на различни светци, за кои можете да прочитате подолу во текстот…

„Ние ги чуваме без новововедувања сите пишани или непишани востановени за нас црковни преданија. Едно од нив ни заповеда и за делото на иконописта, како согласно со евангелската проповед и ни служи за уверување во вистинското, а не во привидното воплотување на Бог Логосот. Ова нам ни служи за полза, затоа што тие нешта кои взаемно се објаснуваат, без сомневање, заедно и се докажуваат“, се вели во вероопределувањето донесено на седмиот Вселенски Собор.




„Врз основа на тоа ние, одејќи како по царски пат и следејќи го од Бога вдахновеното учење на светите оци и преданието на Соборната Црква, во која присуствува Духот Свет, со полна верност и грижливо проучување определуваме дека светите и чесни икони нацртани со бои, или направени од мозаик или од некое друго вештество, да се поставуваат така како и изобразувањата на чесниот и животворен крст, во светите Божји цркви, врз свештените сосуди и одежди, на ѕидовите и на даски, по домовите и патиштата – како што се иконите на Господ и Бог и Спасител наш Исус Христос, на непорочната Владичица наша, света Богородица, на чесните ангели и на сите свети и праведни мажи.




Зашто, колку почесто, со помош на иконите, тие ќе преставуваат предмет на нашето созерцание, толку повеќе оние кои ги гледаат иконите ќе се потикнуваат на спомен кон самите првообрази, придобивајќи кон нив поголема љубов, ќе добијат повеќе поттик истата да им ја возвратат преку целив, почит и поклонување.




Но никако тоа не е вистинско служење, кое, според верата наша и приличи само на Божјата природа, туку таква почит, која ние ја воздаваме на изобразувањето на чесниот и животворен Крст, на светото Евангелие и на другите светињи. Почитта ја изразуваме преку кадење на тамјан и поставување на свеќи, како што и во древноста овој обичај бил благочестив.




Зашто честа, која се одава на иконата (на оној кој е насликан на неа), се однесува на првообразот. И кога се поклонуваме на иконата, ние всушност се поклонуваме на личноста која на неа е изобразена. Такво учење е содржано кај нашите свети оци, такво е преданието на Соборната Црква.“




Денес голем број жени кои не можат да зачнат се молат пред осветени икони. И се случува чудо. Всушност, тоа не го прави иконата туку самата вера која ја крие жената во себе. Многумина се прашуваат дали иконите ги прават чудата, меѓутоа секој отец ќе ви каже дека само верата е вистинската движечка сила која го привлекува кон вас она што го сакате.




Иконата е еден вид помошно средство кое на болниот му помага да го промени своето размислување, да му вдахне живот во неговото веќе исцрпено тело и да продолжи понатаму. Моќта на верата има способност да ги подигне дури и оние најтеш-ко болните. Од тие причини, осветените икони се подаруваат некому, кому е потребна помош и му се посакува здравје.




ИКОНА НА ИСУС ХРИСТОС. Црковното предание за прва икона во Христијанската црква ја смета Неракотворната икона или Неракотворниот лик на Господ Исус Христос. Неракотворна икона значи икона што не е направена со човечка рака. Еве како таа настанала.

Во почетокот на нашата ера, односно во времето на Господ Исус Христос во градот Едеса на Еуфрат живеел царот Авгар. Тој се разболел, така што не можеле да го излекуваат сите царски лекари. Тогаш тој слушнал да чудата што ги правел Исус, за воскреснувањето мрт-ви, за лекувањето болни, за истерувањето де-мони итн.




Посакал Исус да дојде кај него и да го лекува. Затоа му испратил писмо по својот слуга Ананиј кој бил и сликар. Во случај Исус да не може да дојде слугата имал задача да го наслика неговиот лик и да му ја донесе сликата. Исус го добил писмото но поради своите обврски не можел да појде во Едеса.

Од друга страна, сликарот Ананиј никако не можел да го наслика Божествениот лик на Исус Христос. Исус, пак, знаејќи за тоа го измил лицето со вода и побарал крпа за да го избрише. Кога го избришал лицето на крпата останал насликан неговиот лик. Таа крпа му ја дал на Ананиј да му ја однесе на царот Авгар.




Кога Авгар ја добил крпата го целивал ликот на Исус и веднаш оздравел. Царот Авгар ја ставил крпата со ликот на Исус на градската капија, за да знаат сите дека царот верува во божественоста на Исус Христос.

Притоа наредил сите што тука минуваат да се поклонат на ликот на Исус Христос. Во 944 година императорот Константин Багренороден (Порфирогенит) ја купил крпата со ликот на Исус, ја пренесол во Цариград и ја поставил во црквата „Света Софија“. Тоа пренесување се празнува на 29/16 август.




ИКОНА НА БОГОРОДИЦА. И се молат сите мајки, бремени жени и оние кои сакаат да зачнат. Како Светец и покровител на домот голем број домови го имаат Свети Никола, а неговата икона се поставува на видно место за да бидат сите под неговата закрила. Тој меѓу другото е покровител не само на домот и семејството, туку и на целиот народ. Иконата на Свети Мина честопати лушето ја поставуваат на бебешките лулки, бидејќи се смета дека овој светец е покровител на младите мајки и бебињата.