Кај нас, тортите со ореви се едни од највкусните и најкремастите и затоа сите ги сакаат. Економични се и брзи, а на домаќинките им е познато дека оревите може да се додаваат во кремот или во пандишпанот. Во продолжение може да го прочитате рецептот за највкусниот крем со ореви, кој може да се користи за премачкување на секоја торта или колач.

Откога го имам овој рецепт, го мачкам на секоја роденденска торта и секогаш се јаде до последно парче. Овој крем навистина ја збогатува секоја торта, а се прави од неколку состојки. Рецептот е многу стар, каков што го правеле нашите баби и прабаби, без јајца, ароматичен и многу вкусен. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 300 г ореви, 250 мл млеко (1 чаша), 20 г пченкарен скроб, 200 г шеќер (1 чаша), прстофат сол, 1 лажичка екстракт од ванила (или 2 кесички ванилин шеќер), 500 г путер (1 цела коцка).

ПОСТАПКА: Кратко тостирајте ги оревите, без да додавате масло, на неколку минути, во нелеплива тава. Кога ќе ја испуштат својата прекрасна арома, тргнете ги настрана и оставете ги да се оладат целосно. Доколку ги изблендирате додека се топли, стануваат масни.

Сомелете ги оревите во блендер, на неколку наврати, колку што ви собира во блендерот. Ако имате мал блендер, не ги ставајте сите наеднаш, бидејќи нема убаво да се сомелат.

Во мал сад измешајте го скробот со малку млеко и оставете го настрана. Во едно тенџере сипете го преостанатото млеко, шеќерот, ванилата и малку сол. Измешајте со маталка и гответе со мешање додека да почне млекото да врие. Ринглата треба да биде вклучена на средна температура.

Кога млекото ќе проврие, намалете го оганот на ринглата и додајте ја мешавината со млекото и скроб. Гответе уште неколку минути со мешање, додека сѐ да се интегрира, а потоа додајте ги оревите и промешајте. Гответе на шпорет уште 2 минути, потоа тргнете и поклопете со капак и оставете кремот целосно да се излади.

Изматете го путерот на собна температура до пенеста структура, па постепено додавајте го во изладениот фил и соединете сѐ со миксер. Доколку филот ви се стегне при ладењето, изматете го на најсилна брзина со миксерот, за повторно да стане кремаст.

Со овој фил може веднаш да премачкате пандишпан за торта или да го оставите во фрижидер малку да се олади, за следниот ден. Деталите погледнете ги ОВДЕ.