За љубителите на чоколадните колачи имаме радосна вест: пред два месеци добивме рецепт за вкусен десерт кој се приготвува за само 5 минути, но дури денес го испробавме. Толку многу беше добар што веднаш се изеде, па колачот моравме да го приготвиме уште еднаш.

Ваквите едноставни рецепти буквално се дијаманти во нашата архива, па не пропуштајте го и запишете си го. Секој може да го приготви, а резултатот остава впечаток како да бил подготвен во некоја слаткарница. Вашите гости ќе бидат воодушевени и сигурно ќе го приготвувате често.

Овој колач не содржи јајца, ниту брашно, а основната состојка се бисквитите кои секогаш можете да ги одберете по ваш вкус. Не треба да вклучувате дури ни рерна. Во овој рецепт користевме малку кикирики, но секако, јатките можете да ги менувате, а по желба може да додадете и сечкано суво овошје. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 г бисквити по избор, 120 г мелени кикирики, 250 мл слатка павлака, 120 г шеќер, 1 кесичка ванилин шеќер (10 г), 60 г какао во прав, 150 г путер или слаткарски маргарин. ЗА ГЛАЗУРА: 100 г млечно чоколадо, 20 г растително масло, 50 г мелени кикирики

ПОСТАПКА: претходно печени/истостирани кикирки и излупени (несолени) сомелете ги во блендер и сипете ги во еден подлабок сад. Бисквитите искршете го со рака на помали парчиња, а потоа измешајте ги заедно со кикириките.

Во едно тенџере измешајте го шеќерот, какаото и ванилата, па постепено сипете ја слатката павлака и мешајте додека да се изедначи, да нема грутчиња. Најпрво сипете помала количина, промешајте, па полека додајте го и остатокот. Тенџерето ставете го на рингла и вклучете да се загрева на умерена температура.

Мешајте непрекинато додека да згусне речиси како пудинг, но не дозволувајте да ви зоврие, бидејќи во тој случај малку ќе го промени млечниот вкус.  Во случај да немате слатка павлака, може да користите млеко, а наместо какао да употребите пудинг со вкус на чоколадо.

Кога смесата ќе ја добие потребната густина, додајте го путерот исечкан на помали парчиња и мешајте додека тој целосно да се растопи и да се апсорбира. Тенџерето тргнете го настрана малку да се подизлади со повремено промешување за да не фати коричка.

Сè уште топла/млака (но, не врела) целата содржина од тенџерето истурете ја во садот со мешавината од кршените бисквити и мелените кикирики. Мешајте со лажица или кујнска шпатула додека целосно да се изедначат состојките, а бисквитите да ја впијат течноста.

Добиената содржина сипете ја врз парче хартија за печење, а потоа обликувајте ја во вид на ролат, правоаголник или облик каков што сакате. Смесата е лесна за обликување, па не ви е потребен дури ниту калап. Спакувајте го во хартијата и колачот оставете го 15 минути, до половина час во замрзнувач за да се стегне.

Потоа во микробранова печка растопете го млечното чоколадо, додајте растително масло и промешајте за да се изедначи. На крај додајте ги сечканите кикирики, промешајте , а добиената глазура сипете ја врз колачот. Оставете да се стегне, а потоа сечете и послужете. Деталите погледнете ги ОВДЕ.