Неодамна го открив овој совршен рецепт од италијанската кујна и се воодушевив од вкусот. Измислената пита-пица, како што ја завикавме по дома е едно од моите најчести јадења кои ги подготвувам во последно време. Откога сѐ поскапе, овој рецепт е вистински спас за да ги израдувате вашите најмили со вкусно јадење.

Дечињата сами ме прашуваат кога ќе ја правам измислената пица, тие секојдневно би ја јаделе, од што е вкусна. Смесата се подготвува за неполни 20-тина минути, а потоа ставате на печење и сте раат. Се јаде и ладна и топла, многу е вкусна, а кај нас дома ретко кога остануваат неизедени парчиња.

Рецептот е едноставен и потребни ви се неколку состојки за да го подготвите, а веројатно овие намирници постојано ги имате во кујната. Покрај тоа, во питата може да додавате и намирници по ваш вкус, што ќе ви се најде во фрижидер, како сувомеснато, сирење, маслинки… Јас ќе ви ја покажам наједноставната верзија, која според мене е највкусна. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 4 компири, 1 перце млад кромид, 1 црвена пиперка, 1 морков, 3 јајца, 1 чаша млеко, 200 г брашно, 1 лажичка прашок за печиво, кашкавал по вкус (може да изрендате сосем малку за декорација и за питата да фати коричка, а внатре не мора да се додава), сол и црн пипер, маслиново масло. За сосот (опционално): малку сечкан магдонос, обичен јогурт или павлака, 1 лажица мајонез , сол и црн пипер.

ПОСТАПКА: Добро измијте ги компирите и излупете ги тенко, само кожичката, за да остане повеќе од нив. Изрендајте ги на испапчената страна од рендето, па ставете ги во еден сад. Прелијте со чиста вода и оставете ги да останат накиснати 20-тина минути.

Во меѓувреме, младиот кромид исечкајте го на ситни кругови, а истото сторете го и со црвената пиперка, од која претходно сте ги извадиле семките и срцевината. Морковот изрендајте го од истата страна како компирот. На тавче со малку маслиново ставете го младиот кромид и ренданиот морков и пропржете сосем кратко, со повремено мешање.

Кога зеленчуците ќе омекнат, додајте ја ситно исечканата пиперка и гответе уште 10-тина минути. Зачинете по вкус со сол и црн пипер. По изминатото време, процедете ги компирите од водата. Во еден подлабок сад скршете ги јајцата, кои претходно треба да бидат отстојани на собна температура, па сипете 1 чаша млеко.

Промешајте, па додајте 1 чаша брашно, малку прашок за печиво, сол, црн пипер и малку маслиново масло. Измешајте со жица или маталка додека да добиете изедначена смеса, слична на онаа за палачинки. Во смесата додајте ги компирите, измешајте, па додајте го пропржениот зеленчук.

Откога сѐ заедно ќе соедините, излејте ја смесата во плех, обложен со хартија за печење и малку намрсена со масло и добро израмнете ја смесата. Плехот треба да биде со стандардна величина. Печете во загреана рерна на 180 степени, приближно 20-тина минути.

Изрендајте го кашкавалот и по изминатото време, наросете го врз питата. Вратете ја уште малку во рерна додека смесата да се допече и кашкавалот да стане крцкав, за што ќе биде потребно уште 15 минути. Во меѓувреме подгответе го сосот (доколку сакате) за да го послужите покрај парчињата.

По печењето, питата поделете ја на коцки и послужете ја кога малку ќе се олади. Однадвор е крцкава, а однатре мека. Деталите погледнете ги ОВДЕ.