Откако го научив овој рецепт многу брзо и едноставно правам солени печива, речиси секој втор ден, никогаш не ни здодеале. Штом ги изедеме, а многу брзо ги јадеме зашто се превкусни, веднаш замесувам нова тура.

Децата на соседите се научија, па и тое редовно доаѓаат по нивната омилена закуска, а мене ми е многу драго што на сите им станаа омилени. Еве го рецептот, за сите што сакаат да го испробаат, нема да се покајат. Постапката е многу лесна и едноставна, еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (за мерење се користи чаша од 200 мл): 1 чаша топло (млако) млеко (200 мл), 1 чаша топла вода (200 мл), 1/2 чаша масло за готвење (100 мл), 1 белка од јајце, 2 супени лажици шеќер 40 г (може и една, 20 г), 1 кесичка сув квасец (10 г), 600 г брашно или по потреба (приближно 5 чаши), 1 мала лажичка сол. За премачкување: 100 г растопен путер. За фил: рендан кашкавал. За премачкување 1 жолчка+1 лажица масло




ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад измешајте ги сите влажни состојки кои треба да бидат млаки и на собна температура. Во садот со млеко, вода, масло и белка од јајце додајте сув квасец и шеќер, па промешајте за да се растворат.




Потоа додајте го брашното со една лажичка сол, најдобро на два-три наврати за да можете да ја одредите точната количина. На почетокот мешајте со лажица или шпатула додека да се добие компактна смеса, а потоа замесете го со рака. Потребно е да го месите 4-5 минути за да стане еластично.




На почетокот тестото е лепливо, но на крај треба да добиете убаво и мазно, средно меко тесто кое се одвојува од ѕидовите на садот. Обликувајте го во топка, покријте го и оставете го во топла просторија без провев да ферментира еден час или колку што е потребно за да го удвои својот волумен.




Стасаното тесто нежно премесете го со шпатула за да се истисне воздухот од него, па истресете го врз малку набрашнета работна површина. Поделете го на два дела, а секој дел повторно обликувајте го во топка. Едно топче завиткајте го во кеса додека го развлекувате другото.




Со помош на оклагија развлечете тенка кора со правоаголна форма. Преку целата површина премачкјате ја со растопен путер. Потоа започнете со диплење: префрлете ја едната страна до половина, а потоа преклопете со другата страна од тестото. Долгиот, а тесен правоаголник (од три слоја) премачкјате го одозгора со растопениот путер.




Потоа повторете ја постапката: преклопете од потесната страна до половина на правоаголникот, па преку него преклопете со другата страна од кората. На овој начин ќе добиете квадрат со 9 листови. Вака здипленото тесто завиткајте го во кеса и оставете го да отстои во фрижидер додека го работите второто тесто.




Потоа земете го првото, оладено тесто, и повторно развлечете го на малку набрашнета површина во тенка правоаголна кора. Преку целата површина распоредете рендан чедар кашкавал (или по ваш избор), па внимателно свиткајте долг ролат. Ролатот исечете го на парчиња, приближно „три прсти“ долги или по ваша желба. Можете да ги сечете и цик-цак како триаголници.




Ролатчињата наредете ги во плех обложен со хартија за печење. Покријте ги да не се сушат додека го развлекувате и второто тесто. Кога ќе го исполните плехот, со дланката сосем малку спескајте ги ролатчињата, па повторно покријте ги и оставете ги да стасуваат 20 минути.

Потоа премачкјате ги со разматена жолчка и наросете ги со сусам по желба и ставете да се печат во загреана рерна на 190 степени додека убаво да заруменат. Деталите погледнете ги ОВДЕ.