Ако детето повеќе сака да гледа цртани филмови отколку да оди со вас на прошетка – сте ја изгубиле битката, некаде сте погрешиле! – предупредува д-р Бојанин.

Проф.д-р Светомир Бојанин, познат детски психијатар и автор на повеќе книги и учебници на тема – ран развој и училиште. Книгите се полни со драгоцени совети за родителите, а еве што тој вели за феноменот слушање и послушност кај децата, и зошто децата имаат изливи на бес особено на јавни места или пред гостите:

„Феноменот „слушање“ кај децата е запоставен, децата сè повеќе се предмети за гледање. Затоа нивната фантазија и послушноста им е закржлавена, затоа веќе не го доживуваат светот според вистинските вредности. Она што го гледаме е посилно од она што го слушаме.

Детето светот најпрво го доживува визуелно, но потоа треба постепено да се воведува и она што може дmтоа да го сознае од слушање, па така да го разбере светот околу себе, но и самиот себе. Затоа треба многу да му се зборува, а потоа да му се дозволи да го репродуцира, така што ќе црта, а со тоа го развива своето ментално и асоцијативно поле.

Оттаму потекнува и зборот послушност, мора прво да слушаме, за да чуеме.

Најдобро би било да се исфрлат ТВ и игриците од дома. Денес главна бебиситерка стана телевизијата. Ако детето повеќе сака да гледа цртани филмови отколку да оди со вас на прошетка, сте ја изгубиле битката, некаде сте погрешиле.

Со децата треба да се живее природно, треба да ги вклучите во животот, треба да имате слух за нив, треба постојано да им бидете посветени, да се занимавате со нив. Тогаш ќе нема пропусти, ќе нема размазеност.

Луѓе ме прашуваат што да прават кога ќе им дојдат гости, а децата им скокаат врз глава и воопшто не сакаат да слушаат. Или кога ги водат во продавница, а детето почнува да се валка по под и да вреска за да им се купи нешто. Тој проблем не можете да го решите тогаш, во тој момент!

Ако природно живееме со нив, ако навреме и во доволна мера сме се позанимавале со нив, ако знаат колку ни се важни, такви испади ќе нема.

Ако сте ги навикнале вниманието да им го купувате со подароци – а тоа е најголемото зло за едно дете – тогаш тоа во продавница ќе бара нешто да му купите бидејќи тоа му е замена за љубов и внимание.

Тоа тогаш не бара бисквити, туку го бара вашето внимание, а вие го карате или го тепате поради бисквитите. Ако сте му посветиле доволно внимание и сте го подготвиле за одење во продавница, до такво нешто не би дошло.

Тоа значи навремено да му објасните дека не може секојпат да го добива она што ќе го посака, дека мама нема толку пари, ама затоа мама го води на прошетка и разговара со него, што е многу позначајно.

Ако детето не добивало адекватно внимание, тогаш тоа вниманието ќе го бара од други луѓе, на пример од гостите.

Преку подароците убаво може да им се објасни на децата значението на некој настан, празник. За малите празници ќе добива помали подароци, за големи празници – големи подароци. Посредно му се дава до знаење значењето на некој празник, но секако му се објаснува сето тоа.

За децата е поважно каков пример гледаат дома отколку она што им го зборуваме. Ако детето пишува домашна задача, а мајка му готви и му вели на таткото за соседот: „Види каква куќа подигнал! Нема ни еден ден школо, ама знае како се живее!“ – каква порака му испраќа мајката на своето дете во тој момент?

Никако не треба да се казнуваат децата, а најмалку со ќотек. Таа болка која сме му ја нанеле ќе создаде омраза кај него, а не саканата реакција или промена на однесувањето.

Ако со нив сме живееле природно, сме се занимавале со него, ако постојано ја имаат нашата љубов и внимание, тоа нема да биде непослушно, нема да има потреба од ќотек и казнување. Подобро е тогаш да зборувате за своите емоции.

Ако детето нè сака, ако е послушно (послушност која произлегува од љубов, а не од страв), тоа ќе разбере ако му објасниме дека нешто нè повредило (но не во смисла на префрлање на вина кон него).

А ако го повредиме со ќотек, ако му нанесеме болка, тоа нема да може да сочувствува со нас.“ – завршува докторот.