Фото и рецепт: Родна Трпеска

Потребни состојки:

1 кг брашно
1 сув квасец
1 лажиче шеќер
2 лажички сол
млака вода по потреба
маргарин или путер за мачкање на корите
свинско солено месо на коцки сечено
1 јајце за премачкување
сусам за наросување одозгора

Постапка:

Во брашното се прави мало вдлабнување во кое се става сувиот квасец и шеќерот, а солта се наросува по краевите. Со дотурање на млака вода се замесува убаво мазно тесто кое не лепи на раце.

Добиеното тесто се остава да одмори околу половина час. Потоа се премесува и од него се вадат 12 топчиња кои се делат на 4 купчиња по три.

Се рарзвлекуваат топчињата во кори со величина на чинија и се премачкуваат со омекнатиот путер, па се редат една врз друга. Само третата, најгорната кора не се премачкува.

Од секој куп од по три кори се развлекува една кора со големина на плехот во кој ќе се пече. Се реди месото претходно исечкано на ситни коцки, па истото се повторува и со другите три кори.

Најпосле целата пита се сече на коцки, на секоја коцка во средината се става парче месо, одозгора се премачкува со јајце и се наросува со сусам.

Вака приготвеното ѓозлеме се остава да стасува уште еден час за да го удвои волуменот, па се пече во загреана рерна на 200 степени или регулирајте според вашата рерна, додека да добие убава златна боја.

Фото и рецепт: Родна Трпеска