Кифлите можете да ги правите во посна и мрсна варијанта, што значи, ако ги правите посни ќе користите растителен маргарин, млекото ќе го замените со вода и пред печење ќе ги премачкате со вода и ќе ги наросите со крупна сол. Секогаш кога ќе ги направам овие кифли – веднаш исчезнуваат додека трепнеш – автор Евица.
Потребни состојки: 1 кг брашно, 50 г свеж квасец, 100 г маргарин или путер (растопен), 50 мл масло, 3 лажици шеќер, 1 лажица сол, 250 мл млака вода, 250 мл млако млеко (вода за посно), 1 лажица лимонов сок (свежо исцедено) и 1-1,5 лажица масло (за премачкување на коричките)
За премачкување ако правите мрсни кифли: 1 јајце, 1 лажичка сол и 20 г растопен путер. За премачкување ако правите посни кифли: вода, крупна сол за наросување на кифлите и 20 г растопен маргарин
Постапка: Квасецот издробете го во малку млака вода заедно со 1-2 лажици брашно и една лажичка шеќер. Промешајте убаво да добиете кажичка без грутки, покријте и оставете на топло да се активира и запени околу 10-15 минути.
Брашното просејте го, во средината направете вдлабнатина (бунарче), посолете, додадете го остатокот од шеќерот, па додадете го активираниот квасец, остатокот од млаката течност, масло, лимонов сок и растопен путер или маргарин. Тестото долго месете го со раце или со миксер додека да стане мазно. Покријте го и оставете го на топло додека да се удвои.
Надојденото тесто премесете го и поделете го на 15 еднакви топчиња. Намастете ги со масло со приближно една лажица масло, прекријте ги со проѕирна фолија и оставете ги да одмораат 15-20 минути.
Земете едно топче во двете раце, па малку развлечете го во ваљак, а потоа со оклагија развлечете го во елипсовидна кора. Потоа свиткајте ја и ќе добиете пекарска кифла која е доста голема кифла. Редете ги кифлите во плех намастен со путер (масло или маргарин). Прекријте го плехот и оставете ги кифлите да отстојат 20 минути на топло место.
Потоа премачкајте ги со изматено и посолено јајце. Печете ги во загреана рерна на 245 степени околу 15 минути или додека да добијат убава боја. Штом ќе ги извадите кифлите од рерна премачкајте ги со растопен путер или маргарин.
Кифлите се одлични и топли и ладни, празни, со сладок или солен фил, за сендвичи, за излет, за во училиште, за на работа, за на патување, за со пиво…