Кавадаречки теганици
Кавадаречките теганици се традиционално македонско јадење, познато по својата едноставност и неодолив вкус.
Овие крцкави и воздушни теганици се омилен избор за појадок или ужина, а со посипување шеќер во прав добиваат посебна слатка нота.
Рецептот, споделен од Моника Силева Станковска во групата НМД рецепти, е прилагодлив, а подолу е дадена верзија за полна доза, со можност за подготовка на помала количина. Еве што ви е потребно:

Потребни состојки
– 6 јајца
– 0,5 литар млеко
– 0,5 литар газирана вода
– 1 кесичка сув квасец
– 1 килограм брашно
– 1 лажица ракија (за да не впиваат масло)
– Шеќер во прав (за посипување)
– масло (за пржење)
Постапка
1. Во длабок сад, изматете ги јајцата со миксер додека да станат пенасти.
2. Додајте ги млекото, газираната вода, сувиот квасец, брашното и ракијата. Матете ја смесата додека да се добие хомогена и малку погуста маса од онаа за палачинки.
3. Оставете ја смесата да отстои 10 минути за да се активира квасецот.
4. Префрлете ја смесата во шише со тесен отвор, како шише од кечап, за полесно обликување на теганиците.
5. Загрејте поголема количина масло во тава на средна, малку посилна температура.
6. Со шишето, истурајте мали порции од смесата во врелиот зејтин, формирајќи кружни или неправилни облици, по желба.
7. Пржете ги теганиците додека да добијат златнокафеава боја од двете страни.


8. Откако ќе се испржат, префрлете ги на кујнска хартија за да се впие вишокот маснотија.
9. Пред сервирање, посипете ги теганиците со шеќер во прав.
Напомена
Од наведената количина се добиваат околу 24–28 теганици, во зависност од големината. Доколку сакате помала доза, преполовете ги состојките за да добиете 12–14 теганици.
На здравје! Фото и рецепт на Моника Силева Станковска.





































