Home закуска Секоја домаќинка има свој начин на приготвување, а ова е мојот омилен...

Секоја домаќинка има свој начин на приготвување, а ова е мојот омилен ЃУВЕЧ

Потребни состојки:

1 парче бело пилешко месо
2 млади кромитчиња (или една помала главица кромид)
1 млад лук (или 1-2 чешниња лук)
2 млади моркови
1 тиквичка
1 зелена пиперка или 2 лажици ајвар
8-10 млади компирчиња
1,5 шолјичка ориз
1 лист рен
Сечкан магдонос
Сол, вегета, црн пипер
2 лажички црвен пипер
Ловоров лист
Масло

Постапка:

Во голема тефлонска тава ставете масло да се загрее. Кромидот и лукот исечкајте ги на тркалца заедно со перцата. Морковот и тиквичката исчистете ги и исечкајте ги на мали коцки.

И белото месо исто така. Зелената пиперка исечкајте ја, а наместо неа можете да додадете и ајвар, зшто многу добар вкус им дава на јадењата со зеленчук. Компирчињата исчистете ги па преполовете ги.

Во маслото пропржете го кромидот и морковот, додајте го месото, па заедно пржете додека месото да побели.

Додајте црвен пипер и сето добро промешајте го, па додајте ги компирчињата и тиквичките, зелената пиперка или ајварот и ситно сечканиот лист од рен, полијте една чаша вода, промешајте и поклопете.

Оставете да се крчка некое време на тивок оган, а потоа додајте и ориз, посолете и додадете зачини по вкус, долејте уште малку вода и повторно поклопете и оставете да се крчка.

Кога компирот ќе омекне, значи дека оризот е веќе сварен, па исклучете ја ринглата и оставете ѓувечот да се докрчка и да фати тенка коричка одозгора.

Под коричката ѓувечот мора да остане сочен, никако сув и без течности, па обратете внимание на тоа и долевајте по малку вода повремено додека се готви. Сервирајте како главно јадење со сезонска салата.