Кифличките се омиленото јадење кое најмногу се послужува во месеците кои ни доаѓаат. Кифличките секогаш излегуваат различно, за што најмногу е задолжен рецептот кој го следите и состојките кои се користат. Постојат неколку рецепти од кои со сигурност, некои од нашите читатели веќе ги испробале и тврдат дека според нив, кифличките остануваат свежи и по неколку денови.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ПРВ РЕЦЕПТ): 1 коцка квасец (40 г), 400 мл млеко, 200 мл вода, 3 еднакви лажички сол, 1 лажичка шеќер, околу 850 г брашно. За премачкување: 150 г свинска маст или путер/маргарин, 3 жолчки од јајце, 1 лажица брашно. За крај: 1 јајце, семки по желба.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ВТОР РЕЦЕПТ): 20 г свеж квасец (1/2 коцка), 300 мл млеко, 1 мала лажица шеќер, 500 г брашно + 2 големи лажици, 1/2 лажичка сол, 150 мл масло. Зa филот: кечап, шунка, моцарела или некој кашкавал по ваш избор и 1 јајце за премачкување.
ПОСТАПКА (ПРВ РЕЦЕПТ): Во еден сад ставете го квасецот, па прелијте 200 мл топло млеко, додајте шеќер и 1 лажичка брашно за да се активира. Оставете неколку минути додека смесата да се набубри. Потоа, додајте ги останатите состојки и замесете меко тесто и оставете да се удвои на собна температура.
Развлечете го тестото во валјак за полесно да го поделите на 4 приближно еднакви делови. Од секој дел формирајте топки. Одделно соединете ги свинската маст, жолчките и брашното и убаво измешајте.
Секоја „јуфка“ развлечете ја во големина на поголема чинија (во кружна форма како за пица) и премачкајте ја со смесата за премачкување која претходно сте ја подготвиле. Вака подгответе ги и останатите теста. Оставете да отстојат половина час, па соединете ги две со две.
Потоа развлечете ги корите на рамна набрашнета површина како за пита. Тестото се развлекува со раце, не со оклагија (бидејќи и горната јуфка е премачкана), не мора да биде многу тенко, но добро растегнете. Тестото лесно се развлекува.
Вака подготвените теста виткајте ги во тенок долг ролат (валјак). Секоја ролна се сече попречно на еднакви делови и печивата се редат во плех обложен со хартија за печење. Се оставаат тестата уште малку да стасаат додека се загрее рерната и се премачкуваат со изматено јајце и по желба се наросуваат со семки по ваш избор.
Загрејте ја рерната на 180 степени и печете додека тестото добие златно-кафеава боја. Од оваа количина се добиваат два поголеми плеха од кифли. Тестото може да се полни со сладок или солен фил, но и вака шупливи се многу вкусни. / Сооlinarka.com Прочитајте ја и постапката за вториот рецепт:
ПОСТАПКА (ВТОР РЕЦЕПТ): Квасецот издробете го во еден сад (доколку користите свеж), а одозгора прелијте го со млекото кое треба да биде млако, додајте шеќер и 2 лажици брашно. Измешајте ги состојките, па оставете квасецот да се активира, како во првиот рецепт, кој е опишан погоре.
Запенетиот квасец се префрла во поголем сад каде што претходно сте го додале брашното. Во оваа смеса посолете со половина лажичка сол или повеќе, а потоа додајте го маслото. Замесете фино и меко тесто кое не треба да се лепи под прсти. Покријте го тестото со крпа и оставете да стасува околу 30-тина минути додека целосно да се удвои неговиот волумен.
По изминатото време тестото се развлекува на набрашнета површина и се сече во косина, на двете страни како што е прикажано на сликата подолу. Треба да добиете повеќе мали триаголници кои е потребно да ги редите на еден плех обложен со хартија за печење.
Врз секое тесто се премачкува фил, односно прво се премачкува со кечап, па одозгора се става тенко парче шунка и парче моцарела или некој кашкавал по ваш вкус. Се завиткува во кифлички и секоја кифличка се премачкува со разматено јајце.
Пица-кифличките се печат во претходно загреана рерна на 200 степени, околу 25 минути, во зависност од јачината на рерната. Послужете ги топли. Деталите од целата постапка на вториот рецепт можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.