Кога ќе се споменат „сарми“ сите веднаш помислуваме на оние од кисела зелка. Меѓутоа постојат и многу вкусни сармички приготвени од лозов лист, од блитва, од млад лист на леска…а сарми може да се прават и од тиквички и модар патлиџан.
Кога еднаш ќе ги испробате овие похувани сармички од тиквички, веднаш ќе ги засакате. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 2 тиквички, 1 поголем домат, 100 г рендан кашкавал некој по ваш вкус (млечен кравји или мешан), 3-4 чешниња лук, 2-3 полни лажици мајонез, 3 јајца, брашно за похување, половина китка свеж магдонос, малку сол и масло за пржење.
ПОСТАПКА: Тиквичките добро измијте ги под млаз ладна вода, отсечете им ги краевите и доколку има дамки од лушпата отстранете ги и нив. Потоа исечете ги по должина на тенки лентички со дебелина од приближно 3 милиметри.
Лентите наредете ги на некој поголем послужавник или работна површина со фолија, па посолете ги и протријте ги од двете страни. Оставете ги да отстојат некое време (15-тина минути) додека да го испуштат сокот и да омекнат.
За тоа време пригответе го филот: на ситната страна од рендето изрендајте го кашкавалот, па ситно исечкјате малку свеж магдонос и додајте го во садот. Низ преса истиснете неколку чешниња лук и додајте 2-3 лажици мајонез.
Измешајте ги сите состојки додека да добиете фина компактна смеса која може да се мачка. Потоа пригответе ги смесите за похување: во една плитка чинија ставете брашно, а во друга чинија со виљушка изматете три јајца.
Во тава ставете да се загрева масло на умерена температура и започнете со похување:
Со хартиена салветка избришете го вишокот сок кој го испуштиле тиквичките, а потоа секоја лента најпрво набрашнета ја, па потопете ја во јајца, па повторно во брашно и спуштете ја да се пржи во маслото.
Тиквичките пржете ги по неколку минути од двете страни додека да заруменат, па вадете ги врз хартиена салветка.
Кога ќе се оладат, преку површината на секоја похувана тиквичка премачкјате една лажичка фил и ставете малку ситно исечкан свеж домат.
Свиткајте ја сармичката и прицврстете ја со дрвена чепкалка. Вака приготвените сармички од тиквички се многу декоративни и можете да ги послужувате на разни свечени пригоди.