Домашниот леб или лепињи е секогаш подобар избор отколку купечките производи, особено кога знаеме дека живееме во време на вештачки вкусови, разни адитиви и конзерванси, како и огромни количини на шеќер кој подеднакво се додава и во слатки и во солени производи, а во последно време и во печивата.




Единствен проблем е недостигот на време за месење, но и не сме секогаш расположени за во кујна. Затоа ви го предлагаме овој рецепт за меки лепињи со кефир или јогурт во комбинација со зеленчук кои се приготвуваат слично како и палачинките.




Овие лепињи им успеваат на сите, па затоа не мора да сте професионални готвачи, ниту да знаете да месите месо или пак да имате искуство во тоа. Запишете си го овој рецепт, бидејќи е лесен и едноставен. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 250 мл кефир/јогурт, 1 мала лажичка шеќер, половина лажичка сода бикарбона, половина лажичка сол, 1 супена лажица масло, 2 јајца, 130-140 г брашно, 100 г кашкавал, 1 домат, 80 г шунка, младо кромитче




ПОСТАПКА: Во подлабок сад истурете го кефирот (или јогуртот), па додајте шеќер, сода бикарбона, сол, масло и јајца, па добро изматете со жица маталка додека да се изедначи смесата.




Потоа додајте го брашното и повторно изматете додека да добиете изедначена, хомогена смеса без грутчиња, малку погуста од онаа за класичните палачинки. Потоа додајте ситно сечкан домат на којшто сте му ја издлабиле средината (се користи само „месото“).




Потоа додајте ситно сечкана шунка или сланина или нешто по ваш избор, рендан кашкавал и ситно сечкани зелени перца од млад кромид (2-3 или количина по желба). Добро промешајте додека да се изедначат состојките.




Многу е важно сите состојки да бидат што поситно исечкани. Со кутлача истурајте во тава намастена со малку масло, а смесата распоредете ја со помош на шпатула.

Пржете од свете страни по неколку минути на температура помеѓу најсилно и средно. Од оваа количина добив 9 лепињи со средна големина (9 кутлачи).