Штом дојде сезоната на доматите, сетете се на овој рецепт и пригответе го најубавиот доматен сос без конзерванси. Има неколку начини за приготвување, а ние ќе ви ги претставиме најдобрите, за кои нема потреба од долгочасовно готвење, мешање и стоење покрај шпоретот.

Речиси сите презентерки на ваквите рецепти признаваат дека првиот пат ги направиле со скептицизам, бидејќи е општопознато дека доматниот сос мора да се готви и тоа долго време за да има што подолг рок на траење, или пак, да се сочува со конзерванс и винобран.

Меѓутоа, доматот приготвен на овој начин не само што е повкусен и поздрав, туку и постапката му е многу полесна. Во рецептите кои можете да ги прочитате подолу количините на состојките се произволни и се додаваат по вкус. Запишете си го рецептот и следете ја постапката. Еве што ви е потребно:

РЕЦЕПТ 1 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: Домати, сол, лути феферони, лук, свеж магдонос. РЕЦЕПТ 2 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: домати пелати, сол, мајчина душичка, свеж босилек – лист, свеж магдонос – лист

ПОСТАПКА за рецепт 1: Доматите измијте ги и накратко потопете ги во врела вода, 1-2 минути. Секој домат вадете го со цедалка и со помош на кујнска маша излупете ги. Лупените домати сомелете ги во блендер или во специјална машина (најдобра е онаа која ги одвојува семчињата).

Посолете го доматниот сок и мешајте додека солта целосно да се растопи. Пробајте дали сте задоволни од вкусот, па додајте уште малку сол до саканата соленост. Ако пак доматот не бил доволно зрел и има малку киселкаст вкус, додајте шеќер.

Многу ситно исечкјате ги фефероните (лути пиперчиња), додајте ги во доматниот сок и промешајте. Потоа на ист начин додајте ситно сечкан лук и ситно сечкан свеж магдонос. По желба, наместо лук можете да додадете ситно сечкан праз, целер или зачински билки по ваш вкус.

Откако сето добро ќе го промешате, сосот сипете го во претходно стерилизирани стаклени шишиња и добро затворете ги. По отворањето, сосот нема долг рок на траење, па најдобро е веднаш да се искористи (затоа користете помали шишенца или тегли, за една употреба).

Шишињата наредете ги во ладна рерна, па вклучете ја на 90 степени и пастеризирајте ги 90 минути на истата температура. Потоа исклучете ја рерната и оставете ги така да се оладат, најдобро преку цела ноќ во рерната, или извадете ги и завиткајте ги во ќебе. Видеопрезентацијата погледнете ја ОВДЕ. Следи постапката за вториот рецепт:

ПОСТАПКА за рецепт 2: За чување во тегла без конзерванс најдобро се покажал доматот пелат. Измијте ги доматите и од задната страна површински засечете ги во крстче, за полесно да се излупат. Во тенџере ставете вода да зоврие, па спуштајте ги доматите.

Варете го додека забележите дека лушпата почнала да се одвојува, минута, минута и пол, па вадете ги со решеткаста лажица и оставете ги на тацна да се оладат. Потоа лесно излупете ги. Доматите редете ги во поголем сад, додајте сол и свежи зачини (јас ги ставам во китка, а после ги вадам поради децата, важно е да ги испуштат аромите).

Ставете го тенџерето на оган, па од моментот на зовривање варете само 25 минути. Потоа тргнете го тенџерето од оган, оставете малку да подизлади, па полнете стерилизирани тегли до горе.

Стерилизирајте ги во рерна на 90-100 степени, па откако ќе се оладат складирајте ги во темна и ладна просторија. Рецепт на Анријана. Уште еден рецепт за подготовка на пелати во тегла, со видеопрезентација можете да погледнете ОВДЕ.