Никогаш не помислував дека е можно маж ми да ме остави и тоа без некоја конкретна причина. Подоцна дознав дека почнал да живее со друга жена, но во моментот кога ме остави не беше во врска со друга, колку што ми е мене познато.

Не сум веќе во „цутот на младоста“, но не сум ни престарена за „безнадежен случај“, па овој раскин многу тешко ми падна. Бевме во долгогодишна врска, цела деценија, а бракот ни потраја едвај три години. Последната година со маж ми едвај нешто да разговаравме и најчесто се каравме за неважни работи.

Сè помалку време поминувавме заедно и некако постепено како да исчезна сета љубов која ја имавме еден за друг. Но, колку и да беше „ладна“ атмосферата, никогаш не помислував дека тој ќе го преземе првиот чекор и ќе ме остави. Тој, мене.

Ми дојде неочекувано и сега сум оставена како на половина пат. Тој оди понатаму, а јас стојам во место. Не можев, а да не се запрашам – каде згрешив? Што е она што тргна „надолу“ во нашата врска? Разговарав со психолог, со сите мои пријателки, но се „наоружав“ и со многу книги на оваа тема и сфатив дека во суштина мажите се контрадикторни.

Научив дека мажите ги оставаат жените поради 3 клучни работи, а се препознав во сите три. Првата причина е ако жената е мрзелива, втората ако постојано му го пере мозокот на мажот и му досадува, а третата ако постојано се жали дека не добива подароци.

Се чини дека на мажите не им пречат овие работи пред бракот и на почетокот кога ќе стапат во брак, но како што поминува времето, сè повеќе почнуваат да им замеруваат на жените за овие работи. Па ајде да ги погледнеме објаснувањата на мажите за секоја од овие три причини.

1. Мрзеливост; Мрзеливоста не значи недостаток за грижа за себе и запуштеност, туку лоша грижа за куќата, домаќинството и сопругот. На мажите им е многу важно жената да е вредна, да знае да готви, да ја одржува куќата уредна и да се грижи за потребите на сопругот.

Притоа, таа треба секогаш да е дотерана, да изгледа убаво и да мириса убаво. Ако со текот на времето се покаже дека на жената и е поважно да изгледа повеќе убаво отколку куќата да и е чиста, многу мажи се разочарувале, ја напуштале жената или наоѓале љубовница (како изговор за незадоволството од својата жена и компензација).

2. Перење мозок; Мажите не сакаат кога жената им досадува со разни барања, кога ги потсетува на нивните обврски, на разни поправки во куќата и слично. Жената која постојано го потсетува мажот дека е неодговорен и дека мора да направи нешто за неа, според мислењето на мажите, не е погодна за брак.

Истите тие мажи се противат на жените и негодуваат доколку тие не исполнат некоја од обврските (прочитај под точка еден), а тие самите не се подготвени да преземат одговорност за обврските што ги имаат во домаќинството.

3. Кога жената се жали дека не добива подароци и има недостиг од внимание; Жената која покажува колку ѝ се важни подароците и материјалните работи на самиот почеток на врската, мажите обично ја оставале уште на самиот почеток на врската или бракот.

Тие си мислат дека „ваквите“ жени гледаат само на сопствената корист и дека парите им се најважни. Без разлика на тоа што на почетокот се труделе со подароци и внимание да ја придобијат, откако ќе ја освојат жената, мажите сметаат дека и таа „епизода“ е завршена.

Она што е навистина смешно во целата оваа ситуација е тоа што мажите понекогаш се контрадикторни. Понекогаш дури и не знаат што сакаат. Сакаат жена која ќе се грижи за нив, но тие самите не се подготвени да се грижат за жената.

Сакаат жена која ќе се грижи за домаќинството, но тие самите не придонесуваат. Многумина сакаат силна, независна жена која заработува исто колку и тие, но сакаат и жена која ќе биде добра домаќинка и ќе се грижи за нив и за домаќинството. Би сакала да ги слушнам и вашите размислувања на оваа тема.