Овие вкусни грицки кои се прават од обично тесто и разни зеленчуци заситуваат како да сте изеле цел оброк. Од оваа количина излегува цел рид од нив и ова ми е број 1 мезе кога ми доаѓаат гости, сите ми го фалат. Не ви требаат многу состојки, а подготовката е многу едноставна.




Кога ми доаѓаат гости, ова го послужувам како главно мезе, а настрана ставам и нешто сувомеснато, кашкавалче да си комбинираат, а некогаш правам и тартар сос или некој друг бел сос за мацање на овие крокети. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 јајце, 1 чаша млако млеко, 1 чаша млака вода на собна температура, 1 кесичка сув квасец (10 г), 1 голема лажица кристал шеќер (20 г), 1 мала лажичка сол (8 г), 4,5 чаши брашно (540 г), 1 компир со нормална големина (ако се многу малечки може да ставите 2), 1 црвена пиперка, 2 зелени пиперки, 1 главица кромид, половина китка магдонос, 80 г рендан кашкавал и 400 мл масло за пржење.




Како мерка се користи обична чаша од 200 мл. Јајцето, млекото и водата треба да бидат на собна температура. Јајцето и млекото извадете ги 1 час однапред од фрижидер. ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад скршете едно јајце. Со жица за матење разматете го додека да стане пенасто.




Додајте 1 чаша млеко, 1 чаша вода и 1 кесичка сув квасец. Потоа ставете и 1 голема лажица шеќер и 1 мала лажичка сол. Изматете со кујнската жица додека состојките да се соединат и да се формира мазна и еднолична смеса.




Во смесата започнете да го додавате брашното постепено, како што го замесувате тестото. Најпрво матете со жицата, додека смесата да почне да се згуснува, а потоа може да продолжите да мешате со шпатула, како што ќе станува потешко за мешање.




Треба да добиете многу густа смеса за тесто, нема да се формира класично тесто кое се развлекува со оклагија, туку нешто погусто од смеса за палачинки. Покријте го тестото со проѕирна фолија и оставете да ферментира минимум 30 минути додека го удвои својот волумен.




Настрана ситно исечкајте ги сите зеленчуци. Пиперките прво се сечкаат надолжно на ленти, а потоа хоризонтално на ситни коцки. Истото се повторува и со главицата кромид која треба да биде исечкана многу ситно. На крајот магдоносот добро се мие, па се сечка на двапати додека убаво да се иситни.




Целиот исечкан зеленчук додајте го во смесата за тесто, која веќе е удвостручена. Добро измешајте додека зеленчуците да се распоредат низ целото тесто, а потоа додајте 80 г рендан кашкавал, па и него измешајте го во смесата.

Во едно поголемо тенџере ставете околу 400 мл масло и почекајте да се загрее. Смесата која треба да ја подготвувате ставете ја во торбичка за шприцање (може и кеса исечена на врвот) и добро затворете ја.




Со помош на ножици спуштајте ги крокетите во загреаното масло, со големина по ваша желба. Гледајте да ги сечете прилично исто, за да ви излезат слични. Пржете ги на неколку пати, колку што ви собира во тавчето, додека да го потрошите целиот материјал.

Повремено вртете ги додека ги пржите додека да потемнат и да станат златни. Треба да ги готвите на средна температура за сите да ви излезат исти и да ги вртите наеднаш сите, за да не ви излезат некои потемни. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.