Потребни состојки:
150 г лешници (потпечени, излупени, крупно насечкани) – 1.ред
За кора – 2.ред:
6 белки
6 лажици шеќер
6 лажици брашно
За крем, жолт и чоколаден:
6 жолчки
100 г шеќер
2 пудинзи од ванила
2 лажици брашно
1 литар млеко
2 ванилин шеќер
250 г путер
100 г шеќер во прав
За чоколаден крем:
100 г чоколадо за готвење
Ред нутела:
200 г нутела
Ред биксвити:
150 г бисквити
Ред шлаг:
500 мл слатка павлака за шлаг
Постапка:
Загрејте ја рерната на 180 степени. Лешниците кратко потпечете ги во тава, изладете ги, со триење меѓу дланките излупете ги, па ставете ги во кеса и чекан искршете ги.
Во калап ставете хартија за печење, а ѕидовите намастете ги со путер и наросете малку брашно. Истресете го калапот, па ставете ги лешниците како прв слој.
За кора: белките изматете ги во цврст снег, додадете шеќер и матете додека да се растопи. Со лажица промешајте го брашното, па смесата додадете ја во калапот врз лешниците, па печете 10-тина минути во загреана рерна. Кога кората ќе излади, свртете ја така што лешниците да дојдат од горна страна, па вратете назад во калапот и вратете го обрачот за полесно да ги редите останатите слоеви на тортата.
Малку загрејте ја нутелата за да биде течна, па премачкајте преку слојот лешници.
Врз нутелата наросете бисквити неправилно искршени.
За крем: на тивок оган сварете 800 мл млеко, а на страна изматете 2 жолчки со шеќер и 2 пудинзи од ванила, 2 лажици брашно и 200 мл млеко. Кога млекото ќе зоврие, сварете ја смесата со постојано мешање додека да згусне. Изладете го кремот со повремено мешање за да не фати кора (или ставете го садот во поголем сад полн со ледена вода, за побрзо да ви излади).
Во друг сад пенесто изматете го путерот со шеќер во прав па додадете го во изладениот крем.
Врз бисквитите истурете половина од кремот.
Чоколадото за готвење растопете го на пареа, малку нека излади да не е врело, па додадете го во втората половина од кремот за да добиете кафеав крем кој ќе го распоредите врз жолтиот крем.
Тортата е најдобро да ја оставите преку ноќ во фрижидер убаво да излади и да се стегне.
За шлаг: изматете ја слатката павлака во цврст снег, извадете го обрачот и премачкајте ја тортата со шлаг. Декорирајте со кршен лешник.